(Видео) Девојче преживеа 24 часа под урнатините во Бејрут

На социјалните мрежи се раширија видеа од спасувачките акции во Бејрут, каде што деновиве се случи голема експлозија. Под урнатините на зградите заглавени се голем број луѓе. Во несреќата загинаа повеќе од 130 луѓе, а повредени се над 1.000. По многумина сè уште се трага.

Едно од видеата што се рашири на интернет е акцијата во која беше спасено едно мало девојче. Тоа успеало да преживее 24 часа под урнатините, пренесува „Дејли мејл“.

Локалните медиуми наведуваат дека видеото е снимено синоќа, а на него се гледа како спасувачите копаат со голи раце за да го извлечат детето.

Во Бејрут сè уште се трага по десетина луѓе, а бројката на починати и повредени се очекува да расте во наредните денови. Жителите на Бејрут се бесни на властите, пишуваат тамошните медиуми. Тие сметаат дека невниманието на властите е причина за експлозијата.

Претседателот изјави дека експлозијата била предизвикана како резултат на 2.750 тони амониумнитрат, кој бил складиран во магацин на несоодветен начин.

Голем број граѓани ги обвинија властите за корупција, занемерување и лошо менаџирање со магацините.

„Бејрут плаче, Бејрут вреска, луѓето се хистерични, луѓето се уморни“, изјавил снимателот Џуд Чехаб за Би-би-си повикувајќи ги оние што се одговорни да се соочат со правдата.

За потсетување, вчера во Бејрут беше прогласена вонредна состојба, која ќе трае две недели.

Scroll to Top