(Видео) Долина на смртта во Калифорнија, животот е неподнослив на најтоплото место на планетата

Изминатиот викенд во националниот парк во Соединетите Американски Држави познат како Долина на смртта, кој се наоѓа во Калифорнија, измерени се највисоките температури на Земјата во изминатите 100 години. Во неделата температурата стигнала и до 54,4 степени Целзиусови.

Станува збор за огромно пустинско подрачје исполнето со кањони и песочни дини, а во таа пеколна атмосфера живеат и работат голем број луѓе. Бренди Стјуарт работи во Националниот парк на Долината на смртта во Калифорнија и вели дека топлината е неподнослива.

Светската метеоролошка организација сè уште ја проверува неделната температура, но на неа тоа и не ѝ е потребно за да утврди колку е топло.

„Кога се движите, тоа е како голем број фенови да дуваат директно во вас“, изјавила Бренди Стјуарт.

Џејсон Хесер живее и работи на голф терен. Тој раскажа дека поради топлината понекогаш се случува да почне да работи еден час порано, во четири часот наутро, но и дека и тогаш температурите се движат од 37 до 40 степени Целзиусови.

„Најдобар начин да се опише температурата тука е чувството како кога ќе ја отворите фурната, откако во неа нешто два часа се печело. Па наеднаш во вас ќе дувне жешкиот воздух“, објаснува тој.

Scroll to Top