Брачен пар од Австралија, Џим и Линда Смит, кои се грижат за дивите животни, биле нападнати од кенгур. Од медицинскиот тим соопштиле дека и двајцата биле среќни што останале живи.
Кенгурот им нанел толку тешки повреди што Линда морала да оди на операција поради оштетување на белиот дроб, скршени ребра и гребаници. Ништо полесно не минал ниту Џим.
Семејството ги хранело дивите кенгури на својот имот во областа Дарлинг Даунс кога еден сив кенгур го удрил Џим и го соборил на земја. Кенгурот ја нападнал и неговата сопруга Линда, која притрчала да му помогне.
„Беше страшно. Ме нокаутираше не еднаш, туку двапати. А кога еднаш ќе ве дофатат, погледнете што можат да ви направат“, изјавил Џим пред новинарите.
Австралиските медиуми известиле дека кенгурот се повлекол откако на теренот се појавил нивниот син со дрво во рацете.
„Доколку кенгурот продолжел да ја удира Линда, нејзиниот живот сигурно ќе бил во опасност“, изјавил член на медицинскиот тим Стивен Џонс.
„Во Австралија живеат вкупно 45 милиони кенгури, а нивните конфликти со луѓето не се невообичаена појава, ако се земе предвид дека луѓето ги населуваат подрачјата на кои живеат животните“, пишува „Ројтерс“.