(Видео) Кометата „Неовајс“ на македонското небо

Кометата „C/2020 Ф3 Неовајс“ или „Неовајс“ беше откриена од астрономите на 27 март оваа година, за време на мисијата на вселенскиот телескоп „Вајс“. Според НАСА, откако кометата ќе ја одмине Земјата, таа повторно ќе не посети дури за 6,800 години.

На почетокот на овој месец кометата беше доволно светла за да се забележи со голо око на северната хемисфера, што е првиот ваков случај по кометата „Хејл-Бопп“ во 1995 и 1996 година. „Неовајс“ на 23 јули ќе биде најблизу до сонцето, за потоа да продолжи да се движи по својата патека до рабовите на сончевиот систем која е долга 715 астрономски единици.

Според научниците, Неовајс „преживеала“ и други блиски средби со сонцето, што значи дека кометата и претходно ги посетувала Земјаните.

Од 12 јули, кометата е видлива и во вечерните часови. На 23 јули кометата ќе стигне до најблиската точка до Земјата на оддалеченост од 103 милиони километри, пред да продолжи со својот космички лет.

Скопското астрономско друштво објави неколку тајмлапс видеа од кометата C/2020 F3 NEOWISE, снимени над Скопска Црна Гора, дело на Мартин Стојановски, монтирани од Марија Стојановска.

Погледнете ја и галеријата со фотографии и видеа од кометата низ локалната призма на Мартин Стојановски, Боби Кузмановски и Стојан Стојановски, Борислав Н.Т, Томислав Георгиев, Наке Батев, Ристе Спироски и Роберт Атанасовски.

Scroll to Top