(Видео) Компанија на Илон Маск објави снимка од мајмун кој со мислите управува видеоигра

Стартап на Илон Маск објави снимка на која се гледа мајмун како игра едноставна видеоигра откако му биле вградени импланти засновани на нова технологија.

Снимката на Неуралинк долга три минути го прикажува Пејџер, макаки мажјак, на кого на двете страни на мозокот му се вградени чипови, како игра „Мајнд понг“. Иако бил трениран да игра користејќи џојстик, тој дел од конзолата сега е исклучен. Движењата во играта ги контролира мислејќи на движење на рацете горе или доле, пренесува Ројтерс.

„Првиот производ на Неуралинк ќе им овозможи на лицата со парализа со мислите да управуваат со смартфон побрзо отколку што некој би можел користејќи прсти“, објави Маск во четвртокот на Твитер.

Подоцнежни верзии би можеле да им овозможат на параплегичари повторно да одат, најави Маск.

„Уредот е вграден на ниво на черепот и се полни безжично, па изгледате и се чувствувате сосема нормално“, кажа тој.

Неуралинк ги снима и декодира електричните сигнали од мозокот на мајмунот користејќи две илјади електроди вградени во делот на мозокот кој ги координира движењата на рацете, се наведува во видеото.

„Користејќи ги овие податоци го калибрираме декодерот математички моделирајќи ја врската меѓу примероците и мозочната активност и различните движења на џојстикот кои ги произведуваат“.

Неуралинк е формиран во 2016 година во Сан Франциско и планот му е со вградување безжични чипови во мозокот да помогне во лекувањето на невролошките состојби како Алцхајмер, деменција и повреди на рбетот, но и да ги спои човештвото и вештачката интелигенција.

Scroll to Top