(Видео) Моментот кога на Џорџ Буш му го украдоа часовникот во Тирана

Снимката на која се гледа како на поранешниот претседател на Америка, Џорџ Буш, му беше украден часовникот за време на посетата во Албанија, и понатаму е популарна на социјалните мрежи.

Џорџ Буш во 2007 година беше во посета на Албанија како претседател на САД. Во тој момент Буш изјавил дека Косово треба да биде независно најбргу што може.

Но, ваквиот политички настан падна во втор план кога се појавила снимката на која се гледа како еден од Албанците во толпата му го украл часовникот.

За време на посетата во Албанија, Буш помина и во селото Фуше-Крује кај Тирана. Тогашниот американски претседател го прекршил вообичаениот протокол и се ракувал и разговарал со насобраниот народ. Во големиот метеж не ни забележал дека часовникот му исчезнал од левата рака.

На снимката точно се гледа како Буш Помладиот се ракува со масата народ, која го прегрнува, а по неколку моменти еден од Албанците му го краде часовникот.

Крадецот очигледно е дека имал вештини, но и храброст, штом успеал да го ограби тогашниот највлијателен човек на планетата.

Досега не е познато колку вредел украдениот часовник, а Албанија е една од ретките земји на светот каде што Буш беше дочекан со големи симпатии. Пред тоа Буш беше во посета на Германија и Италија, каде што го дочекале со демонстрации.

„Часовникот не е украден. Ставен е во неговиот џеб, а верувам дека медиумите што ја прегледале снимката со поздравувањето дошле до истиот заклучок. Според тоа, часовникот не е украден, претседателот го ставил во џебот и тој безбедно е вратен дома“, изјавиле тогаш од службите за односи со јавност на претседателот на САД.

 

 

 

Scroll to Top