(Видео) На овој начин го убија Џорџ Флојд, нова снимка од брутално апсење предизвика бес во САД

Уште еден случај на брутално апсење, идентично како тоа на Афроамериканецот Џорџ Флојд, привлече големо внимание во јавноста во САД.

Властите во Пенсилванија покренаа истрага, откако јавноста виде снимка со полицаец кој со колено го притиска вратот на еден маж.

Целиот инцидент потсети на ситуацијата во која на 25 мај почина Афроамериканецот Џорџ Флојд. За потсетување, полицаецот Дерек Шовен повеќе од осум минути со колено го притискаше вратот на Флојд, за на крајот да го угуши. Инцидентот предизвика масовни протести ширум земјата.

На новата снимка сега може да се забележат двајца полицајци како совладуваат Афроамериканец, додека тој вика пред болницата „Свети Лука“. Еден од полицајците го држи осомничениот со колено на ист начин како што Шовен го држеше Флојд.

За среќа, во овој инцидент никој не настрада, но истиот предизвика протест на помал број граѓани, кои маршираа пред локалната полициска станица и бараа објаснување за овој случај.

Шефот на полицијата, Глен Границ, се обидел да ги намали тензиите, велејќи дека истрагата е во тек, но открил и некои детали што се однесуваат на инцидентот. Тој истакнал дека на снимката не се гледа дека осомничениот се однесувал неконтролирано.

„Тој повраќал и се сопнувал по улиците, сè до моментот кога застанал пред влезот за итен прием во болницата“, изјавил Границ.

„Потоа почнал да вреска, вика и плука по полицијата и персоналот во болницата. Кога полицајците го собориле на земја, осомничениот и понатаму давал отпор, поради што полицијата морала да го совлада“, навел Границ.

Осомничениот потоа бил спроведен во болница, каде што му била дадена помош, а потоа бил пуштен.

Scroll to Top