(Видео) Нова снимка од убиството на Џорџ Флојд

Репортерите на Си-ен-ен ја прегледаа новата снимка направена од камерите на еден од полицајците кои биле присутни за време на апсењето и убиството на Џорџ Флојд на 25 мај во Минеаполис.

Полицијата не ја објавила оваа снимка, со образложение дека е дел од активната истрага, но и судска постапка. Судија дозволил медиумите да ја погледнат снимката, но не дозволил и да ја објават.

Новинарите на Си-ен-ен кои ја прегледале снимката точно опишале што се случува на неа. Тие пренесуваат дека Флојд викал додека полицајците го извлекувале од автомобилот во кој се наоѓал. Во еден момент, полицаецот Дерек Шовен клечи на неговиот врат.

Последните зборови на Флојд биле: „Не можам да дишам“. Станува збор за две видеа, едно направено од камерата што ја носел полицаецот Томас Лејн, додека другото е снимено од камерата на Александер Куенг. Тие биле на лице место кога Флојд бил убиен.

Полицијата пристигнала кога еден од трговците во продавничката во која пазарел Флојд пријавил лажна банкнота. Си-ен-ен пишува дека полицајците разговарале 36 секунди со трговецот, а потоа чукнале на вратата на автомобилот на Џорџ Флојд.

„Дигни ги рацете во воздух“, му викнал полицаецот Лејн.
На третата минута од снимката Флојд насилно бил извлечен од автомобилот, а полицајците се бореле да му стават лисици. Ова се случува откако Флојд молел за милост, а тие се обидувале да го однесат во полицискиот автомобил.

Во еден момент Флојд паѓа на асфалтот, а тогаш се појавуваат двајцата полицајци, Шовин и Тао, кои му помагаат на Лејн. Флојд бил со лисици на рацете речиси осум минути, но иако бил мирен, како што пренесува Си-ен-ен, Шовен и понатаму го зголемувал притисокот на неговиот врат.
На шестата минута од видеото се слушаат последните зборови на Флојд: „Човече, не можам да дишам“. Една минута подоцна неподвижното тело на Флојд биле префрлено во возилото за итна помош. Убиството на Флојд иницираше бранови на протести ширум Америка.

Адвокатите на семејството на Флојд најавиле дека планираат тужба против американскиот град Минеаполис и полицајците кои се обвинети за смртта на Флојд.
Шовен е обвинет за убиство од втор степен, убиство од трет степен и убиство од невнимание. Полицајците Тао, Томас Лејн и Џеј Кенг се обвинети за помагање и поддржување на убиство од втор степен и убиство од невнимание. Сите четворица се отпуштени од служба.
Scroll to Top