(Видео) Обезглавен наставник во Франција, затоа што покажал карикатура од пророкот Мухамед

Францсукиот учител Самуел Пати бил обезглавен вчера од страна на 18 годишен исламистички терорист, откако на часот покажал карикатура од пророкот Мухамед, пренесува „Дејли Мејл“.

Наставникот бил убиен во едно предградие на Париз од ученикот Абулах А, од Чеченија. Тој пред десетина дена добил смртни закани, затоа што отворил дискусија за карикатурите и зборувал на темата за слободен говор и изразување.

Родителите од муслиманско потекло, биле гневни на Пати, затоа што тој одлучил пред класот да прикаже карикатура од пророкот Мухамед. Во една од тамошните џамии се делеле снимки од наставникот, кој покажувал карикатура од пророкот Мухамед.

„Дејли Мејл наведува дека Пати ги повикувал муслиманските ученици да ја напуштат училницата, пред да ја покаже карикатурата, која пред пет години ја објави магазинот „Шарли Ебдо“. Поради таквиот потег на уредништвото, се случи терористички напад во кој беа убиени 12 луѓе.

Таткото на еден 13 годишен ученик, изјавил дека Пати ги повикал муслиманските ученици да излезат за да не ги навреди со карикатурата, но еден ученик заостанал и подоцна им пренел на родителите за тоа што го видел. Родителите поднеле жалба и одржале состанок со официјалните претставници во школот и наставникот.

На снимка објавена на „Твитер“, еден од родителите Брахим Чнина, чија ќерка била во класот на Пати, го нарекол наставникот силеџија и побарал од заедницата да се пожали на неговото однесување.

„Пред да ги покаже сликите Пати побарал од децата муслимани да го напуштат класот, затоа што има шокантно нешто да каже. Која е пораката која тој сакал да им ја испрати на децата? Зошто учител по историја се однесува на ваков начин кон 13 годишни деца?“, прашал јавно Чнина.

„Овој силеџија не треба да остане во националниот образовен систем и да ги учи нашите деца. Треба самиот да се образува“, додал тој.

Снимката ја разбесни заедницата, а истата се делела во една од џамиите во предградието на Париз. Неколку дена подоцна Абулах А, со потекло од Чеченија излегол пред Пати со нож и го обезглавил. За време на нападот викал „Алах акбар“.

Наставникот бил загрижен за својата безбедност откако претходно примил смртни закани, тврди негов колега.

„Самуел ги налути некои од родителите, покажувајќи ја сликата од голиот пророк Мухамед, за време на предавањето за слободата на говор. Потоа почна да ги прима заканите“, изјавил неговиот колега од школото.

Полицијата вчера го убила осомничениот кога овој одбил да го спушти своето оружје и им се заканил на службениците. Не е познато дали напаѓачот ја видел снимката со бесните родители.

Француските обвинители изјавиле дека овој напад го третираат како убиство поврзано со терористичка организација. Досега се уапсени девет лица, вклучувајќи ги и родителите на детето, кои јавно укажувале на несогласувањето со Пати и неговата одлука да ја покаже карикатурата.

Полицијата иницијално уапсила четири лица поради убиство, а уште петмина ги задржала на испитување. Во прашање се членови од општествениот круг на напаѓачи, вклучувајќи го и неговиот дедо, баба, родители и 17 годишниот брат.

Францускиот претседател Емануел Макрон го осуди ваквиот исламистички терористички напад. Министерот за образование Жан Мишел Бланкер, се состанал со претставниците на наставниците и родителите и наскоро се очекува да излезе со порака за солидарност.

Во тек е и истрагата за твитот, на која е објавена фотографија од главата на убиениот наставник. Налогот од „Твитер“ веднаш бил избришан, а засега не е познато дали напаѓачот ја објавил грозната слика, заедно со заканите кон Макрон кого го нарекува водач на неверниците.

Во меѓувреме се појави и снимка од обидот за апсење на напаѓачот, кој резултираше со негово убиство.

 

Scroll to Top