(Видео) Обвинет испи шише со отров при изрекување пресуда во Хаг

Во Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија беше прекинато изрекувањето конечна пресуда во случајот против поранешни политички и воени лидери на Херцег-Босна – Јадранко Прлиќ, Бруно Стојиќ, Слободан Праљак, Миливоје Петковиќ, Валентина Ќориќ и Берислав Пушиќ.

„Слободан Праљак не е воен злосторник. Ја отфрлам пресудата“, рече Праљак, по што испи нешто од шишето што го држеше во рака. Судијата веднаш потоа го прекина судењето.

„Ал Џезира“ известува дека веднаш пред судот дошло амбулантно возило, но сè уште не е познато што имало во шишето што го испи Праљак.

Во Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија денеска почна рочиште на кое жалбениот совет требаше да изрече пресуда за шесттемина поранешни политички и воени челници на босанските Хрвати и дали Хрватска учествувала во злосторничко здружување и со тоа ќе ја заврши неговата 24-годишна работа.

Водачите на најмалубројниот народ во Босна и Херцеговина во мај се осудени на вкупно 111 години затвор поради прогон, убиства, силувања, депортација, затворање, уништување имот и други злосторства.

Поранешниот претседател на владата на т.н. Херцег-Босна, Јадранко Прлиќ, неправосилно е осуден на 25 години затвор, поранешниот министер за одбрана Бруно Стојиќ и поранешните началници Слободан Праљак и Миливој Петковиќ на 20 години затвор, поранешниот командант на воената полиција, Валентин Ќориќ, на 16, а началникот на Канцеларијата за размена на заробеници, Берислац Пушиќ, на 10 години затвор.

Неправосилната пресуда за овој случај е најдолга во историјата на Хашкиот трибунал и има 2.620 страници. Сите обвинети во 2004 година сами се пријавија во Трибуналот.

Scroll to Top