(Видео) Роверот на „НАСА“ ги испрати првите звуци од возењето по Марс

Роверот на НАСА, кои американската вселенска агенција го испрати на Марс, „Истрајност“, ја испрати првата снимка со звуци, која ја сними на површината на Црвената планета. На снимката се слушаат звуците кои ги прават тркалата на роверот, дробењето на камењата на површината и металното чукање.

„Да ги слушнев тие звуци од мојот автомобил, би запрел и би повикал влечна служба“, изјавил инженерот Дејв Груел, еден од вработените во тимот задолжен за возење на роверот на Марс.

„Сепак, ако одвоите малку време и размислите што слушате и каде е снимено, сето тоа има смисла“, додал тој.

„Истрајност“, е првиот роботски ровер кој е испратен на некое друго небесно тело, кое, покрај камера, има и микрофон. Иако атмосферскиот притисок на Марс е само 1% од оној на Земјата, тоа е доволно за тамошната атмосфера да ги пренесе звучните бранови кои роверот може да ги сними и да ги испрати назад на Земјата.

Главниот микрофон се наоѓа на „јарболот“ на роверот, покрај главните камери и ласерот кој ги буши камењата. Неговата главна цел е да ја комплетира анализата на камњата со помош на звуците. Додека ласерот ги буши камњата, настанува мешан облак од прашина и плин, кои се анализираат со спектроскоп на камерата. Микрофонот притоа ги забележува звуците на пукањата и со помош на нив, се одредува масата и густината од минералите кои се проучуваат.

Двата споредни микрофони, таканаречените роверови уши, се замислени примарно да ги снимаат звуците од влезот во атмосферата и слетувањето на Марс, но за жал, нивната примарна мисија беше неуспешна и тие не снимија ништо.

Но, затоа што се работи за обичен микрофон, каков што може да се купи во обична работилница за електрични уреди, НАСА не очекува дека ќе работи уште долго, но токму истиот е заслужен за најновите снимки кои стигнаа од Марс.

Иако Груел вели дека звуците кои ги слушнале имаат смисла, сепак, еден од звуците малку ги загрижува инженерите. Доколку внимателно се слуша, може да се чуе висок тон кој звучи како чкрипење или гребење, а инженерите не се сигурни што би можел истиот да го предизвикува.

Од „Истрајност“, наскоро би требало да се одвои и роботскиот хеликоптер Ingenuity, кој засега е на безбедно во кутија на долната страна на роверот. НАСА за пет дена на конференција ќе ги најави понатамошните планови и распоредот на активности на хеликоптерот, кој би можел да се ослободи од роверот и да започне со пробните летови на почетокот на април оваа година.

Еднаш кога ќе се одвои, инженерите предвидуваат дека ќе остане во состојба за летање до 30 дена. За време на тој период ќе изведе пет до шест кратки летови. Неговата прва задача ќе биде да испрати фотографии од „Истрајност“. Доколку микрофоните на роверот работат, за првпат ќе може да се слушне доста гласен звук од хеликоптер на друга планета.

Scroll to Top