(Видео) Снежно торнадо снимено во Грција

Снежната покривка во текот на минатата ноќ ја покри грчката престолнина Атина правејќи застој во воздушниот и патниот сообраќај. Во неколку области е прогласена вонредна состојба, а на интернет се појавија и видеа од снежно торнадо во Андрос Стениесу.

Најдраматично е на автопатот Атика одос, обиколницата околу Атина, која е поврзана со аеродромот. Стотина возила се заглавени на оваа обиколница, пренесе грчкиот портал „Катимерини“.

Спасувачките екипи се на терен и цела вечер работеа на ослободување на стотината возачи што беа затекнати за време на бурата. И „Ројтерс“ пренесе за невремето и за дебелиот слој снег што ја покри речиси цела Атина.

Во спасувачката акција биле вклучени и едници од копнената војска со тешка механизација и санитетски возила. Грчкиот министер за климатска криза и цивилна заштита, Христос Стилијаидес, за ваквата ситуација ги обвини компаниите задолжени за оваа сообраќајница објаснувајќи дека нејзините челници на повеќе состаноци ги убедувале претставниците на владата дека имаат доволно опрема за да го остават патот отворен за сообраќај.

„Мислам дека мораме тука да утврдиме кој е одговорен. Тоа ќе му го предложам на премиерот“, рече Стилијаидес.

Грчките медиуми објавија видеа од војниците како им делат храна, вода и ќебиња на некои од возачите, додека температурата падна ниско во текот на ноќта. Петнаесетина лица биле повредени кога едно шинско возило се обидело да повлече воз со 200 патници, а кој заглавил во снегот во централна Грција. Двајца од повредените се во тешка состојба, рекоа полициските служби.

Железничкиот и автобускиот сообраќај во Атина се запрени, а затворени се и објектите за вакцинација против коронавирусот во Атина и на островот Евија, соопштија здравствените служби. Државните училишта, продавниците и банките исто така се затворени. Службите во Грција најавија дека очекуваат студеното време да тра до утре.

Scroll to Top