(Видео) Татко го пронајде киднапираниот син: Емотивна средба по 24 години

Кинескиот фармер Гуо Гантанг (51) минатиот месец по 24 години првпат го виде својот син Ксинжен, кој бил киднапиран како дете. Оттогаш тој не престанал да го бара. Таткото поминал 500.000 километри и ја потрошил целата заштеда за да го најде грабнатото дете. Додека го барал синот, Гуо им помогнал на седум други семејства да ги најдат своите киднапирани деца.

„Душо моја, ми се врати“, повторувала расплаканата мајка кога првпат го гушнала синот.

„Сега кога нашиот син е пронајден, може да биде само среќен“, рекол таткото на момчето кое сега има 26 години.

Гуо ја раскажа неговата приказна. Вели, тој и неговата жена не можеле да си простат што го оставиле двегодишниот Ксинжен сам дома, а криминалци вклучени во трговија со луѓе го киднапирале од дворот на семејната куќа. На почетокот во потрагата им помагале околу 500 доброволци, но не нашле никаква трага.

Детето го грабнала жена и го однела на автобуската станица, каде што ја чекал нејзиниот партнер. Тие заедно заминале во провинцијата Хенан и го продале момчето.

По исчезнувањето на синот, Гуо поминал преку 20 провинции ширум земјата и ја трошел заштедата што ја имале. Возел мотор на кој закачил знаме со слика од синот, и порака дека детето е украдено. Додека го барал синот, имал неколку сообраќајни несреќи, го ограбиле неколку пати, а оштетил десет мотори. Носел транспаренти со ликот на својот син, сликата им ја покажал на неколку милиони луѓе, а спиел под мостови и молел за пари секаде каде што ќе му се укажала прилика.

По 24 години, полицијата ги уапсила жената и мажот за киднапирање. Тие признале дека го продале детето, па кога полицијата ги нашла луѓето што го купиле, преку ДНК-тест го откриле идентитетот на Ксинжен и ја договориле средбата со неговите вистински родители.

За емотивната средба на родителите и синот, која се случи по речиси четврт век, пишуваа и светските медиуми.

Scroll to Top