Православната црква во Кипар побара од владата, да ја повлече песната за Евровизија, „Ел Диабло“, со која пејачката Елена Тсагриноу, треба да настапи во мај во Холандија.
На црквата не и се допаѓа насловот на песната, кој е шпански збор и означува ѓавол. Била покрената и дигитална петиција, која ја поддржале повеќе од 16.000 луѓе.
„Владата треба да го откаже учеството на таа песна во таква форма. Заменете го тој израз со некој друг што ја одразува нашата историја, традиција и она за што се залагаме“, објавиле од Црквата.
Од владата го одбиле ваквиот нивен предлог. Портпаролот на кипарскиот претседател Никос Анастасијадес, изјавил дека станува збор за музички натпревар и дека треба да се почитува слободата на уметникот.
По ваквата изјава Кипарската национална телевизиска мрежа (RIK) добила анонимни закани дека ќе бидат запалени нејзините седишта. Од таму велат дека песната не му дава почит на ѓаволот, туку дека во неа се раскажува за доброто и злото и една млада жена која сака да се ослободи од лошата врска.
Автори на песната се Џими Торнфелд, Лорел Баркер, Окса и Томас Стенгард.
Оваа година Евровизија, која беше одложена минатата година поради пандемијата на коронавирусите, е предвидено да се одржи во холандскиот град Ротердам од 18. до 22. мај.