(Видео) Уморна сум да им кажувам на семејствата дека нивните блиски починале, потресна приказна на медицинска сестра од Њујорк

Њујорк во моментов е епицентарот на пандемијата на коронавирусот во Америка. Бројот на заразени и починати од „Ковид-19“ се зголемува од час во час. Медицинските работници од помалку погодените подрачја на државата, заминуваат за Њујорк за да им помогнат на колегите во борбата против коронавирусот.

Медицинската сестра Днил Шамал, која се пресели во градот со најтешко погодените од пандемијата, во својата објава на „Фејсбук“, раскажа низ што поминува секојдневно во болницата. Потресена од сето тоа што го гледа, таа раскажа за хаосот кој се случува во Њујорк.

„Уморна сум од влегување од соба во соба и наоѓање на пациенти. Некои од нив се мртви. Едноставно кога ќе влезете во собата, таму ќе видите мртво тело. Уморна сум од повиците на семејствата и пренесувањето на лоши вест“, вели низ солзи Шамал.

Таа додала дека не постои ништо што една медицинска сестра може да направи за да биде подготвена за снимката и звуците од она што се случува за време на пандемијата.

„Мислам дека луѓето не разбираат колку е оваа работа навистина стресна. Обучена сум за било што на светот, но ова е престресно“, вели таа.

Шамал апелира до сите луѓе да бидат со отворен ум и да бидат внимателни за она што допрва доаѓа.

„Ако некогаш сте помислиле дека било соодветно да имате сочувство кон другите, сега е тоа време. Мораме да се разбереме едни со други и она низ кое минува другата личност. Толку сум тажна“, вели Шамал во видеото.

Видеото со нејзината порака е видено од речиси 935 илјади луѓе, а во бројните коментари, многумина и дадоа поддршка и на неа и на целиот медицински персонал кој секојдневно се бори со пандемијата со коронавирусот.

„Многу ви благодариме што ја споделивте вашата болка и тешкотии во грижата на оние оние на кои им е потребна. Многумина од нас се жалат за бесмислени работи, но вие сте херој. Би сакала да ве прегрнам и да ви кажам колку ви се восхитувам. Ви испраќам голема прегратка и посакувам да имам можност во живо да ви кажам колку неверојатна личност сте“, биле дел од коментарите на социјалните мрежи.

Според последните податоци, коронавирусот во Њујорк однесе повеќе животи од терористичкиот напад на Кулите близначки, кој се случи на 11 септември 2001 година.

Scroll to Top