Италијанските археолози, кои го истражуваа античкиот град Помпеја, кој бил уништен од вулканска ерупција, пронајдоа античка римска кочија. Кочијата е направена од железо, бронза и калај и таа сѐ уште не е целосно извадена, но забрзано се работи на нејзиното ископување, пренесуваат италијанските медиуми.
Кочијата била пронајдена во таканречениот археолошки парк, веднаш до градските ѕидини. Според зборовите на археолозите, се работи за одлично сочуван предмет.
„Помпеја продолжува да нѐ изненадува со откритија и тоа ќе продолжи уште дваесетина години бидејќи има 20-ина хектари што допрва треба да бидат истражени. Најмногу од сѐ ни покажува дека ова место може да се подобри и да привлече туристи од целиот свет“, рекол италијанскиот министер за култура, Дарио Франческини.
Во 79 година Помпеја доживеала катастрофа од невидени размери кога еруптирал вулканот Везув и го затрупал градот со жешка лава и големо количество пепел. Денес, археолозите и натаму откопуваат интересни работи од овој град, кој поради начинот на кој бил уништен, нуди одлични услови за поглед во минатото.