Во Америка е воведена воредна состојба, по големиот број судири кои се случија на улиците во Минеаполис, меѓу полицијата и големиот број демонстранти. Причина за масовните протести и гнев кај населението, била насилната смрт на невооружениот Афроамериканец Џорџ Флојд, кој почина за време на полициското апсење.
Во градот покрај тоа што е воведена состојба, на улиците излегоа и припадници од Националната гарда на САД. Протестите во Минеаполис траат веќе три дена, а медиумите известуваат дека демонстрантите во текот на ноќта, насилно ја завземаа полициската станица во која работеле полицајците кои се сомничат за смртта на Флојд.
Демонстрантите ја запалиле полициската станица, известува „Би-Би-Си“. Покрај Минеаполис, каде е воведена вонредна состојба, немирите се проширија и низ Чикаго, Лос Анџелес и Мемфис.
Гувернерот на Минесота ја активирал Националната гарда
Гувернерот на Минесота Тим Волц, во текот на ноќта ја активирал Националната гарда, поради насилните протести во Минеаполис по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд за време на апсењето. Протестите почнаа во средата, а бесните учесници во демонстрациите, почнаа да ги ограбуваат продавниците и да пустошат низ градот.
Градоначалникот Џејкоб Фреј, побарал од гувернерот на државата Минесота да ги испрати воените трупи, Националната гарда. Протестите избија по смртта на Флојд, кој бил снимен како се гуши за време на апсењето, додека полицаецот со коленото му го притиска вратот, повеќе од осум минути.
На снимката се слуша како Флојд ги моли полицајците да попуштат со притисокот и говори дека не може да дише. Волц вчера ги повика на мир и изјави дека насилствата претставуваат исклучително опасна ситуација. Ги повика луѓето да си заминат и да прекинат со демолирање на градот.
Кацеларијата на американскиот државен обвинител и Федералното истражно биро (ФБИ) во Минеаполис, соопштиле дека се спроведува кривична истрага за смртта на Флојд и дека тој случај му е приоритет. Претседателот на САД, Доналд Трамп, во средата на „Твитер“ напишал дека побарал истрагата да се забрза.
Се огласи и Белата куќа
Правдата во Минеаполис ќе биде задоволена, порачала на брифинг за медиумите портпаролката на Белата куќа Кејли Мекенени, наведувајќи дека претседателот на САД, Доналд Трамп, го добил извештајот од министерот за правда (врховниот обвинител), Вилијем Бар и Федералното истражно биро (ФБИ).
Претходно, Министерството за правда, истрагата за вмешаноста на полицијата во смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, ја означи со највисок приоритет, пренесува „Глас на Америка“.
„Искусниот обвинител и истражител на ФБИ, се занимаваат со случајот во кој ќе се утврдува дали полицајците ги нарушиле федералните закони“, се наведува во соопштението на Министерството, два дена по масовните протести, поради смртта на невооружениот Афроамериканец во градот Минеаполис, во државата Минесота.
Флојд починал во понеделникот, за време на полициското приведување. Случајот привлече внимание кај јавноста, затоа што очевидците го снимиле и на социјалните мрежи го објавиле видеото од интервенцијата на полицијата, на кое се гледа како полицаец, белец, лежи на вратот на осомничениот, црнец, кој го предупредува дека не може да дише.