(Видео) Заштитната опрема на француските лекари се распаѓа како да е направена од хартија

Заштитната опрема на лекарите во една болница во Марсеј се распаѓа како да е направена од хартија, пренесуваат светските медиуми. На едно видео кое се шири на социјалните мрежи се гледа како медицинска сестра од детската болница „Тимоне“ се обидува да ја облече опремата, за да работи со пациентите кои имаат коронавирус.

Заштитното оддело се распадна за неколку секунди, како да е направено од хартија. Здравствените служби од овој град потврдиле дека опремата потекнува од магацините во Франција, но истата е деградирана затоа што долго време била изложена на лоши услови. Снимката прво се рашири во приватна комуникација меѓу вработените во болницата.

„Внимавајте, добивме нови одела, Американците не сакаа да ги земат од аеродром“, се слуша на снимката, потсетувајќи на случајот кога САД купиле опрема која требала да биде испорачана во Франција.

Медицинската сестра потоа покажува дупка на раката и вели дека така ќе мора да влезе во собата каде се наоѓаат пациентите заболени со „Ковид-19“.

„Ќе влезам внимателно, никогаш не се знае што може да се случи и еве ми помина раката“, вели сестрата и додава дека тоа е веќе трета кутија со оддела и дека ова почнува да станува нормална појава.

Истрагата веднаш е направена, а локалните власти негирале дека е во прашање опрема која неодамна била испорачана од Кина, туку дека станува збор за одела од домашните резерви и дека нивниот квалитет опаднал затоа што долго време биле во влажни услови, а доказ за тоа се и мокрите кутии.

Од 240.000 парчиња од оваа опрема која била испорачана во неделата, околу 300 се оштетени.

Scroll to Top