(Видео) Жена го спасила синот кој бил нападнат од планински лав во нивниот дом во Калифорнија

Петгодишно момче било нападнато од планински лав во неговиот дом во калифорнискиот град Калабасас, додека си играло во дворот. Мајка му го спасила пресметувајќи се со дивото животно буквално со голи раце, пренесуваат тамошните медиуми.

„Лавот е тежок 30 килограми, а мајката успеала да го извлече детето и да го однесе низ ливадата во дворот, 40 метри подалеку од животното“, рече портпаролот на калифорниската управа за риби и диви животни, Патрик Фој, пред новинарите.

Момчето претрпело сериозни повреди на главата и торзото, но, е во стабилна состојба. Тоа во моментов се наоѓа во болница во Лос Анџелес.

„Таа е вистински херој. Го спаси животот на нејзиниот син“, рече Фој на конференцијата за медиуми. Тој објасни дека мајката кога се случил нападот, била во куќата.

„Кога слушнала викотници од дворот, таа веднаш истрчала надвор и го нападнала лавот со голи раце. Го удирала и го извлекла детето“, додал Фој.

Родителите со момчето биле веднаш префрлени во болницата, а вработените од управата за диви животни ја обиколиле куќата во која се случил нападот и го застрелале и убиле планинскиот лав, кој се криел во грмушките.

Scroll to Top