Викимедија со проект да им ја доближи физиката на младите

Викимедија во соработка со Гете Институтот и катедрата на Физика при ПМФ снимија неколку научни опити, смислени и изведувани од страна на германски научници.
Од Викимедија велат дека Германија е родно место на голем број познати научници, инженери и пронаоѓачи кои дале голем придонес во модерната наука преку своите пронајдоци и откритија.
Како пример ги наведуваат космичките зраци во астрономијата, клеточна поделба во биологија, тресечка колба во хемија и радио бран во физика.
Затоа, овој проект во соработка и помош со Гете Институтот, Споделено Знаење (македонски огранок на Фондацијата Викимедија) и катедрата на Физика при ПМФ, се започна со снимање на научни опити кои покажуваат физички процеси изведувани од германските научници.
Целта на овие снимања е да се олесни изучувањето на физиката како наука, односно посликовито практично изготвување и дејствување на опитите кое ќе биде од корист на наставници, професори, студенти, ученици во рамки на наставните програми, и од љубителите на оваа наука.
Овие активности ќе го продолжат проектот ВикиЕксперименти, кој заврши со снимање на 20 хемиски и 25 физички експерименти на Универзитетот во Скопје во 2015 и 2016 година. Проектот беше реализиран со помош на професорите по хемија и физика на Универзитетот во Скопје заедно со нивните студенти.
Scroll to Top