„Википедија“ слави 17 години постоење

„Википедија“, слободна содржина отворена за читање и менување, слави седумнаесетгодишнина од своето формирање.

Семрежната енциклопедија со слободна содржина отворена за читање и менување, „Википедија“ има изданија на разни јазици спонзорирани од страна на непрофитната Фондација „Викимедија“. Информациите поврзани со традиционални енциклопедиски теми стојат напоредно со теми од алманаси, газети и актуелни настани. Целта на „Википедија“ е да создаде свет во кој секој поединец има слободен пристап до сумата на севкупното човечко знаење. „Википедија“ е едно од најпопуларните референтни места на мрежата примајќи приближно 50 милиони погодоци на ден.

Вики-заедниците во Македонија и во светот приредуваат глобална забава со настани на шест континенти по повод 17-годишнината на „Википедија“.

Почнувајќи од 15 јануари 2018 година, македонската вики-заедница и „Споделено знаење“ – македонскиот разгранок на „Викимедија“, прославуваат 17 години од постоењето на „Википедија“, светската слободна енциклопедија што секој може да ја уредува.

За „Википедија“

„Википедија“ е  пуштена на 15 јануари 2001 година со смела задача: „Свет во кој секое човечко битие ќе има слободен пристап и удел во збирот на целото човеково знаење“. Во тоа време замислата дека луѓето во светот ќе почнат да соработуваат на бесплатна енциклопедија била незамислива. Оттогаш „Википедија“ порасна на 40 милиони статии на повеќе од 300 јазици, со стотици милиони читатели во светот. И денес ја градат доброволци од целиот свет: секој месец учествуваат 80.000 доброволни уредувачи.

Денес, 28 отсто од живите на планетава не познаваат свет без „Википедија“. Иако голем дел од интернетот денес е личен простор, „Википедија“ му служи секому на светот, на сите возрасти и занимања.

„Споделено знаење“ и македонската вики-заедница го одбележуваат јубилејот со следниве јавни активности:

Понеделник (15 јануари) – вики-средба во „Пјаца либерта“

Се известуваат сите корисници на „Википедија на македонски јазик“ дека на 15 јануари 2018 година (понеделник), со почеток во 19 ч, во „Пјаца либерта“ во Скопје (карта), ќе се одржи вики-средба за одбележување 17 години од постоењето на „Википедија“. На вики-средбата ќе има дружење, разговори на разни теми, а на крајот и роденденска торта.

Воедно, и самите средби, конечно, да се обноват и да преминат во редовно месечно одржување.

Четврток (18 јануари) – уредувачки маратон на тема „Велоград“

Првиот уредувачки маратон во 2018 година ќе се одржи на 18 јануари (четврток) во соработка со членовите на иницијативата „На точак“, при што ќе се уредуваат статии на тема „Велоград“. Уредувачкиот маратон ќе се одржи во просториите на социјалниот центар „Дуња“ во Скопје со почеток од 19 часот. Сите учесници ќе имаат можност да се запознаат со начинот на уредување статии на „Википедија“ и начинот на употреба и корисноста на сите други проекти и алатки на светската Фондација „Викимедија“, со што ќе имаат можност во иднина да се вклучуваат во тековните вики-проекти што се спроведуваат во Македонија.

 

 

 

Scroll to Top