Владата донесе одлука со која во наредните две недели на територијата на целата држава ќе се воведе полициски час од 22 часот навечер до 5 часот наутро, соопшти премиерот Зоран Заев. Полицискиот час почнува да важи од утре, среда, 10 март.
„Тоа се неполни две недели, 12 дена. Ќе го следиме целиот овој процес, секако имаме предвид дека во април следат рамазанските пости и други празници. Ќе има засилени контроли од МВР и од инспекциите бидејќи очигледно граѓаните се опуштија, а самиот број на заразени лица алармира дека мора нешто итно да се преземе“, изјави Заев.
Одлуката за забрана за движење не важи за патниците што доаѓаат или заминуваат од меѓународните аеродроми, па за време на полицискиот час како дозвола за движење ќе им се признаваат авионските билети. Оваа отстапка е иста и за патниците во меѓународниот превоз на патници.
За транспортерите на лица и стока, кои транспортот го спроведуваат за време на забраната за движење, како дозвола ќе се прифаќа патниот налог, а транспортерите што транзитираат ќе имаат обврска најмногу за 3 часа да ја напуштат земјата од еден до друг граничен премин.
Надлежните служби на граничните премини ќе ги пропуштат патниците што со сопствени возила ја напуштиле земјата пред воведувањето полициски час, при што ќе се спроведуваат и до сега активните мерки за задолжителен ПЦР-тест за оние што доаѓаат од оние земји за кои оваа постапка е задолжителна.
Отстапки од забраната ќе има за сите граѓани што имаат потреба од итна медицинска грижа, но за слободно движење ќе треба да се најават на службата 192 на телефонот на Министерството за внатрешни работи.