Во Дубровник ќе се отвори првиот геј-бар пред почетокот на летната сезона, пишува „Индекс.хр“. Иако сè уште нема официјална потврда, познато е дека барот ќе го отвораат познати угостители бидејќи Дубровник е познат како пријателски геј-град. Граѓаните велат дека им се допаѓа идејата и дека тоа ќе донесе нов приход во градот.
Угостителите што планираат да го отворат не сакале да коментираат ништо јавно додека не ги добијат потребните дозволи и почнат со работа, но жителите на Дубровник рекле дека геј-бар во градот ќе биде вистински погодок.
„Имаше толку многу геј-лица летово, машки и женски, што не е нормално. Бидејќи јас сум магнет за двата пола, ми се лепеа и едните и другите. Приближно 30 отсто од прометот во ресторанот ми беше со нив летово, а тоа не е мала работа. Тие се најдобрите гости во светот, најдобрите потрошувачи, исклучително паметни, интелигентни, пристојни и културни луѓе“, изјавил угостителот Никола Никиќ.
„Лани реков кој прв ќе отвори геј-клуб, ќе заработи многу пари. Тоа беше моја идеја, ама ете, приказната очигледно се проширила и сега слушам ќе се отвора геј-бар“, додал Никиќ.
„На Дубровник му треба сè и сешто. Се разбира, додека тоа е направено со вкус и според некои стандарди, не е разврат, не е Содома и Гомора. Дубровник е космополитски град, кој е отворен за сите. На крајот на краиштата, Дубровник е еден од ретките градови што дозволи тука да се закотви брод за крстарење со хомосексуалци и мажи и жени. Дубровник имал дури и геј-конференции. Сите секогаш биле добредојдени во нашиот град. Мислам дека тоа се културни луѓе, специфични како и сите други. Не гледам проблем во тоа“, рекол Еди Јертец од Дубровник.
Сличен став има и неговата сограѓанка Катарина Дадиќ, која за „Индекс“ вели: „Што се однесува до мене, требаше да биде одамна, и други работи, не само геј-бар, бидејќи во Дубровник има сè повеќе гости што бараат нешто поинакво. Според мене, тоа е полн погодок. Нè има многу. Имам мои клиенти, верувајте ми, тие се најдобри гости. Велат дека се и најдобри пријатели на жените, па, ете, да се увериме“.