Во Германија рекорден број заразени од коронавирус, во Белија колапс на здравството

By

Пандемијата на коронавирусот и понатаму пустоши низ светот и голем број од европските држави бележат голем број новозаразени, пишуваат светските медиуми.

Бројките растат со вртоглава брзина, а вирусуот секојдневно носи голем број животи. Одделни земји во Европа продолжуваат да соборуваат црни рекорди, а се стравува дека кај голем дел од нив може да дојде до колапс на здравствениот систем.

Во Германија потврдени се 16.774 заразени лица со коронавирус. Ова е најголемиот дневен пораст на заболени од почетокот на пандемијата. Во последните 24 часа починале 89 лица, велат од Институтот за заразни болести „Роберт Кох“.

Вкупно во Германија се заразени повеќе од 481.000 луѓе, а починале 10.272 лица. Германската канцеларка Ангела Меркел објавила дека германските официјални лица се согласиле со четиринеделно затворање на рестораните, баровите, кината, театрите и други слични објекти.

Меркел вели дека ова се прави во обид да се спречи наглиот пораст на заразени од коронавирус. Одлуката треба да стапи во сила в понеделник и ќе трае до крајот на ноември.

Продавниците и училиштата треба да останат отворени за разлика од времето кога се затворија во првата фаза од пандемијата во март и април. Рестораните ќе може да нудат храна само за носење.

„Мораме да дејствуваме сега за да ја избегнеме акутната национална здравствена криза“, изјавила Меркел.

Поради огромниот раст на бројот на заразени од коронавирус, како и бројот на хоспитализирани, Белгија би можела да побара меѓународна помош, предупредил епидемиологот Пјер ван Дам. Во белгиските болници во овој момент хоспитализирани се 6.000 пациенти.

Сите се инфицирани со Ковид-19, а бројот на хоспитализации на секои осум дена двојно се зголемува. Само во средата на 28 октомври биле хоспитализирани 743 лица, а бројот на новоинфицирани за 24 часа надминал 18.000.

„Порастот на заразени од коронавирус и хоспитализации ги надмина владините обиди за секакво нивно спречување, а здравствената заштита во земјата би можела да пукне за десет дена“, предупредил Ван Дам.

Професорот по медицина на Универзитетот во Антверпен, Ван Дам, додава дека Белгија ќе мора да ја распореди војската и да побара меѓународна помош затоа што пандемијата на коронавирусот продолжува да го турка националниот здравствен систем на работ на колапс.

Сојузниот министер за здравство, Франк Вандербрук, порачал дека строгите мерки за затворање на земјата мора да останат во сила подолго од еден месец.

Во Италија во последните 24 часа забележани се повеќе од 25.000 новозаразени од коронавирус, 205 лица починале како последица на коронавирусот, а тестирани се 198.000 лица, пишува агенцијата „Анса“.

Шефот на владиниот советодавен научнотехнички комитет, Агостино Миоко, изјавил дека само со ригорозно придржување на новите мерки за ограничувањето на ширењето на Ковид-19 може да се избегне нов карантин.

„За две недели ќе знаеме дали овие мерки се доволни или ќе мора повторно да воведеме тотално затворање“, изјавил тој за дневниот весник „Кориера дела сера“.

Тој оценил дека новите мерки на владата се во рамките со епидемиолошката ситуација, која забрзано се влошува.

Миоко ги критикува таканаречените инстант-експерти и оние што се самопрогласуваат, а кои сега ги критикуваат владините мерки или нудат решенија што не се засноваат на факти.

„Каде беа тие експерти кога во изминатите децении политичарите ги намалуваа парите во болниците, кога се затвораа одделенија за интезивна нега, кога се намалуваше помошта на јавните болници во корист на приватните? Не се сеќавам дека чув гласови против таквата политика од оние што сега се противат на мерките на владата“, изјавил шефот на научнотехничкиот комитет.

Во Полска денес се регистрирани два негативни рекорда – 20.156 нови случаи на заразени од Ковид-19, што е најмногу во еден ден. Регистрирани се 301 починат, што е најголем број на жртви во период од 24 часа, соопштиле од Министерството за здравство.

Вкупниот број на заразени ја надмина бројката од 300.000, пренесува агенцијата „Ројтерс“. Хоспитализирани се 14.631 пациент, 1.203 се наоѓаат на респиратори. Вчера во болниците имало 13.931 заболен, а 1.250 биле на респиратори.

Во Унгарија во последниот пресек починале 56 лица како последица на заразата со коронавирусот, а заразени се уште 2.194 луѓе. Ова се бројки добиени според податоците објавени на интернет-страницата koronavirus.gov.hu.

Активни случаи има 49.024, хоспитализирани 3.197, а 255 се ставени на респиратори, пренесува агенцијата MTI. Досега се тестирани 1.032.942 граѓани. Вкупно починати се 1.634 лица, заразени 68.127, а оздравеле се 17,469 лица.

Во Русија денес забележани се рекордни 17.700 новозаразени. Од последниот пресек починале 366 лица, од последицата на заразата со коронавирусот, што претставува најголема бројка на починати во еден ден од почетокот на пандемијата.

Вкупно во Русија заразени се 1.581.693 луѓе, а досега починале 26.935 лица, пренесува агенцијата ТАСС. Според последните податоци, оздравени се 14.470 од заболените, со што вкупниот број на оние што го победиле Ковид-19 пораснал на 1.186.041 лице.

Во Бугарија во последните 24 часа регистрирани се 2.760 нови случаи на заразени од коронавирус, со што вкупниот број на заразени достигнал 45.461 лице. Стапката на позитивни во моментот е поголема од 27 %.

Починати се уште 36 пациенти, односно вкупно 1.197 лица, пренесува БТА. Активни случаи се повеќе од 25.000. Хоспитализирани се 2.316, од кои 162 се на интезивна нега. Ид коронавирус заразени се повеќе од 2.000 медицински лица.

Во Австрија денес е забележан нов рекорд на бројот на новозаболени од коронавирус. Во последните 24 часа регистрирани се 4.453 новозаразени, а забележан е и најголем број на починати на дневно ниво. Починати се 29 лица.

Уште вчера бројот на новозаразени во таа земја изнесувал околу 3.400. Само во покраината Долна Австрија биле забележани 1.074 новозаразени во последните 24 часа. Со тоа првпат една австриска покраина го надминала рекордот од 1.000 новозаболени во еден ден.

На второ место е Виена со 821 новозаразен, па Горна Австрија со 796. Потоа следуваат Тирол со 584 новозаразени, Штаерска со 355, Форарлберг со 276, Салцбург со 262, Корушка со 166 и Бургенланд со 119.

Исто така, забележан е и нов рекорд по бројот на починати кога во последните 24 часа починале 29 лица од или со Ковид-19, со што вкупниот број на починати достигнал 1.056.

Здружението за управување со болниците во австриската покраина Штаерска поради неповолната епидемиолошка ситуација донело одлука за забрана за посета на пациентите.

Во некои болници, како што е таа во Вагна, коронавирусот се раширил меѓу вработените, па таму повеќе од 25 лица се позитивни на вирусот. Во тие болници не се примаат повеќе заболени луѓе.

Сега е одлучено во целата покраина да се прогласи забрана за посети на пациентите. Таа мерка е образложена не само со растечкиот број на пациенти заболени од Ковид-19, туку, пред сè, со цел да се заштити пресоналот.

 

 

 

 

 

 

Ќе ви се допадне