Во храмот на божицата Хера запален олимпискиот оган за Зимската олимпијада во Пекинг

Во храмот на божицата Хера во античка Олимпија на грчкиот полуостров Пелопонез вчера беше запален олимпискиот оган за 24. Зимски олимписки игри, што ќе се одржат во Пекинг од 4 до 20 февруари 2022 година.

Олимпискиот оган беше запален со специјална кореографија и молитва до богот на сонцето Аполон да ги испрати неговите зраци и да го запали светиот факел за Пекинг. На церемонијата присуствуваа претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах, претседателот на Грчкиот олимписки комитет, Спирос Капралос, и потпретседателот на организацискиот комитет „Пекинг 2022“, Ју Зајчин.

Првиот факел го презеде шампионот во алпско скијање Јанис Андониу и му го предаде на олимпискиот шампион Ли Чиечун. Поради пандемијата, манифестацијата се одржа без публика. Олимпискиот оган нема да патува низ Грција, туку директно беше пренесен во Атина, на стадионот „Панатенаик“, каде што во 1896 година беа одржани првите модерни Олимписки игри. Таму со посебна свеченост денес ќе им биде предаден на домаќините на ЗОИ.

 

 

Scroll to Top