Градоначалникот на Њујорк, Бил де Блазио, потпиша закон за поскапување на цигарите. Па, така, минималната цена за кутија цигари од 10,5 се качи на 13 долари, јави „Ју-ес-еј тудеј“.
Се намалува и бројот на местата каде што ќе може да се купат цигари. Во новата цена е вклучен и данокот. Така, Њујорк станува град каде што може да се купат најскапите цигари во САД.
Целта, како што соопштуваат локалните власти, е да се намали бројот на пушачи. Моментно таму има околу 900.000 пушачи, а во Њујорк живеат 8,5 милиони луѓе.
Противниците на новите мерки сметаат дека покачувањето на цените ќе натера многу пушачи да купуваат цигари на црно – без бандероли и неоданочени.