(Во живо) Роверот на НАСА, „Упорност“, денеска ќе слета на Марс

По седуммесечно патување, роверот „Упорност“ денеска ќе слета на Марс. Неговата мисија ќе биде да бара докази за живот на Црвената планета.

НАСА го лансира на крајот на јули минатата година од Флорида. За него велат дека е најголемото возило што некогаш човекот го испратил на Марс.

Направено е во специјална лабараторија во американската вселенска агенција. Тежи еден тон и има инсталирано роботска рака долга два метра. Опремено е со 19 камери и два микрофона.

Доколку пристигне недопрен, ова ќе биде петтиот ровер што успешно го завршил патувањето од Земјата до Марс.

Минатата недела кинеското вселенско летало „Тијанвен-1“ пристигна во орбитата на Марс и се надева дека во мај ќе го спушти својот ровер на планетата.

„Упорност“ е планирано да слета на закажаното место на Марс вечерва околу 21.55 часот по средноевропско време. Научникот од НАСА, Кен Фарли, изјави дека овој настан ќе биде спектакуларен.

Роверот е планирано да слета на кратерот Језеро, чие име го добил по едно село во Босна и Херцеговина. Станува збор за базен широк 45 километри и се наоѓа на северната полутопка на Марс. Првите фотографии од површината на планетата бргу ќе бидат достапни.

Од НАСА велат дека тие ќе бидат со ниска резолуција. Видеоснимките, вклучително и влегувањето во атмосферата, се очекува да се случат нешто подоцна.

Scroll to Top