За роденденот на кралицата, британската амбасадорка ќе носи креација од македонска дизајнерка

Во тоалета изработена од сатен, преработен од некое старо парче облека, со везови на суви лисја, во изработка на модната дизајнерка Магдалена Димковска ќе биде облечена британската амбасадорка Рејчел Галовеј на роденденот на кралицата Елизабета Втора. Дизајнот е избран на конкурс организиран од страна на Британската амбасада во Скопје, каде што учествуваа студенти од факултетите за дизајн од цела Македонија.
„Мојата креација ќе биде изработена од сатен преработен од старо парче облека, со тоа ќе му се даде втора употреба на самиот материјал. Инспирација најдов во „сувите листови“, во кои има останато малку живот, како симболизам. Сувите листови ги искористив како мотиви што ќе бидат исцртани низ делови од дизајнот, над нив ќе користам техника на везење“- вели младата Магдалена Димковска.
Според амбасадорката Рејчел Галовеј, одржливоста е важна за модата, не само што спречува текстилната и модната индустријата да влијаат негативно на животната средина, туку создава и нови „зелени“ работни места и помага да се промени разговорот околу животната средина.

– Оваа година во ноември, Обединетото Кралство ќе биде домаќин на Конференцијата на ООН за климатски промени во Глазгов, најголемиот меѓународен самит што Кралството некогаш го организирала, со над 30.000 делегати. Треба да се договориме за вистински промени. Младите и креативните индустрии се клучни фактори за менување на ставовите, така што сѐ повеќе луѓе се обидуваат да имаат одржлив начин на живот, да ја зачуваат природата, ја поддржуваат обновливата енергија и присвојуваат еколошки практики.  Затоа бевме возбудени за започнувањето на конкурсот за одржлива мода за создавање одржлива и еколошка облека за мене како амбасадорка и за нашиот заменик-амбасадор што ќе ја носиме оваа година на прославата на роденденот на кралицата Елизабета Втора, вели Рејчел.

Извор: Нова Македонија 

Scroll to Top