Здрава се пријавила во лудница и едвај успеала да се извлече

Новинарката Елизабет Кохран Симан минала 10 дена во установа за ментално болни лица со цел да ги открие и истражни нивните стравови. Таа е позната под новинарскиот псевдоним Нели Блу, а е родена на 5 мај во 1864 година во Пенсилванија, како едно од 15-те деца во семејството.

 

Од дете сонувала дека ќе стане писателка. Кога имала шест години, нејзиниот татко починал, а мајка ѝ се премажила за финансиски да го згрижи семејството. Нејзиниот очув бил насилен, ги злоупотребувал нејзината мајка, браќа и сестри, па на крај дошло до развод.

 

Елизабет тогаш сфатила дека ќе мора да ја издржува својата мајка, па се запишала на студии за да стане професорка. Но, бидејќи ѝ недостигале пари за школување, со мајка ѝ отвориле пансион. Сè уште сонувала да стане писателка, па се вработила како дописничка во Pittsburgh Dispatch за пет долари неделно. Тоа што изгледало како хоби и хонорарна работа набрзо се претворило во голема авантура и успех.

Позната била по својата желба да истражува и  воодушевувала со своите текстови во кои ги открила ужасните услови и нерамноправниот третман на жените и децата во бројни компании. Во 1887 година се преселила во Њујорк, каде што станала пионерка на женското истражувачко новинарство. Весниците во 1880 години биле преполни со извештаи за злоупотреба во разни установи за ментално болни лица, а 23-годишната Елизабет се одлучила да изведе тајна задача во која ќе ги разоткрие реалните услови кои владееле во една ваква установа за психички болни лица.  Ситната, елегантна и згодна Елизабет за да изгледа поуверливо за персоналот во болницата, се облекла во стара изветвена облека, престанала да се капе и да ги мие забите. Освен тоа, пред огледало вежбала да прави гримаси за да изгледа лудо. Почнала да талка низ градот и да зборува самата со себе. Им дофрлала на луѓето, а некој од нив повикал полиција, по што е однесена на психолошки преглед. Баш како што сакала. Рекла дека не се сеќава како завршила во Њујорк. Наскоро била префрлена на островот Рузвелт. Десет дена собирала информации за установата, откривајќи дека е замка за стаорци, како што подоцна ја нарекла.

„Тоа е многу валкано и пренатрупано место, во кое е лесно да се влезе, но речиси невозможно да се излезе“, напишала Елизабет.

Болницата е отворена во 1839 година, како прва комунална болница за ментално болни лица, но кога било укинато државното финансирање, целта на нејзиното постоење била под знак прашалник. Нели Блу била првата новинарка која на тајна задача влегла во лудницата во својство на пациент, а тоа што го открила ги надминало нејзините најлоши очекувања. Ги опишала несовесните и брутални лекари, грубите и агресивни болничари кои ги гушеле, тепале и малтретирале пациентите. Не пропуштила да ја опише и урината што се леела по подот. Храната била ужасна, постелнините валкани, а крв од тепањата и насилството имало насекаде. Луѓето биле врзувани со денови.

 

„Таму имаше и жени кои изгледаа сосема здраво и кои ми раскажаа дека завршиле на ова место затоа што нивните сопрузи сакале да се ослободат од нив и да продолжат нов живот со новите жени. Сè што требало да направат за да ги внесат внатре е да најдат еден сведок кој ќе збрува за нивната нестабилна состојба, од типот на обиди за самоубиства“, запишала Нели. Некои од пациентите биле и странци кои таму завршиле затоа што никој не ги разбирал, како и луѓе со поблаги психички попречувања, како депресија. Нели од прва рака го искусила третманот што го доживувале пациентите, а нејзиниот текст бил објавен во магазинот „Ворлд“.

Нели на крајот едвај успеала да се извлече од установата, објаснувајќи им на лекарите со денови која е и што прави таму. Нејзиниот уредник сам и непоканет пристигнал во објектот за да ја потврди нејзината приказна, насетувајќи дека нешто тргнало лошо. Ја нашол под седативи, што е вообичаена пракса кај нестабилните пациенти. По објавата на нејзиниот извештај за невидената крутост на таквите установи, биле покренати јавни и политички акции кои резултирале со бројни реформи. Нели целото свое искуство го опишала во книгата „10 дена во лудница“. Подоцна во животот постигнала глобален успех и статус на интернационална ѕвезда. Почнала да патува околу светот со брод, балон, воз и други превозни средства.

 

 

Scroll to Top