Змии и волци во домот на Киро Пасков

By

Стапот е единственото оружје со кое Киро Пасков (62) се брани од волците, лисиците и змиите што секоја вечер му влегуваат во трошната куќа. Сѐ на се, спие неколку часа стравувајќи дека жив нема да го дочека наредниот ден. Сам и болен, без никого, далеку од цивилизацијата, Киро живее на падините на планината Беласица на крајниот југоисток во Македонија.

Најблиското село му е Дражево, но Киро во него речиси и да не се симнува затоа што, едноставно, не може поради сериозните здравствени проблеми. Веќе подолго време носи катетер поради дисфункционалноста на простатата, што му го отежнува движењето.

Условите во кои живее, ако воопшто и може да се нарече живот, личат на оние од 18 век. Без струја, вода и храна, Киро Пасков може да стане лесен плен за дивите ѕверови.

Глутница волци секоја вечер слободно се движат во дворот на неговата куќа, која стана собиралиште на планинските животни, а само распадната врата го спасува од нивните вилици.

Сонот на овој измачен човек трае многу кратко. Страшното завивање на волците и студот што во собата влегува низ многубројните дупки на куќата, Киро го држат буден до раните утрински часови.

Пасков е неспособен за каква било работа, не е во можност самиот себе да си обезбеди подобри услови за живеење. Оставен на милост и немилост, заборавен од општеството, со денови гладува, а водата од малите планински реки ја користи за пиење и одржување на личната хигиена.

Кога овој измачен човек го посетија новинарите од „А1 он“ и од агенцијата „Макфакс“, го затекоа со кесата од катетерот во рацете, а кога влегоа во собата во трошната куќа, имаа што да видат. Стар шпорет на дрва, уште постар душек, празни чинии и смрзнат леб, а над свитканото јаже – износена гардероба.

„Луѓето многу ретко ми помагаат. Претходно работев, а сега не. Поради болеста, не можам да работам, а не примам ниту социјална помош. Зимоска се греам на дрва, ако ги има. Ладно е, спијам замотан во ќебе. Сам сум, немам семејство. Повеќе од пет години немам ни струја“, вели Киро.

„Јадам грав и леб ако ми дадат на вересија. Така живеам. Облека имам ако луѓето некогаш ми дадат. Навечер доаѓаат волци, лисици, змии. Влегуваат во куќата, па некако со стапот се обидувам да ги истерам“, се пожали Кире Пасков.

Овој измачен човек одвреме-навреме го посетува и му помага Ванчо Марков од селото Дражево, најблиското населено место до домот на Пасков.

„Киро го познавам 40 години, а во ваква состојба се наоѓа кога пред 20 години починаа неговите родители. Болен е, струјата му е исклучена и тоа навистина е жално. Носи катетер, нема пари да се прехрани, па проси од луѓето.

Му помагам колку што можам, но не можам да ги покријам сите трошоци. Куќата само што не му се срушила. Овде е страшно, тука ни стоката не би можела да живее, а не па човек. Потребни му е кревет, шпорет, постелнина. Надлежните треба да му доделат и социјална помош за да може да преживее. Овде доаѓаат волци и лисици. Страшно е кај него да се дојде преку ден, а не знам како овде седи сам навечер“, вели Ванчо Марков.

Киро Пасков живее на самиот раб на егзистенцијата. Условите се неподносливи, здравствената состојба му е сѐ полоша, а државната институција и социјалната служба сѐ уште немаат слух за личностите како Киро, кои, за жал, ги има во голем број во Македонија.

Видео/Макфакс

Ќе ви се допадне