Благи кифли со чоколадо

Потребни состојки:

150 мл топло млеко,
50 г шеќер,
10 г сув квасец,
40 мл масло,
1 јајце,
360 г брашно,
1 лажичка сол

За крем:

40 г шеќер,
20 г густин,
1 жолчка,
250 мл млеко,
малку рендана кора од лимон.

И уште: 1 јајце со 2-3 лажици млеко, шеќер во прав, чоколадни трошки или рендано чоколадо.

Начин на подготовка:

Во вангла ставете го топлото млеко, додајте го квасецот, солта и шеќерот и промешајте со жица за матење. Покријте ја ванглата со проѕирна фолија и оставете квасецот да се активира 10тина минути. Потоа продолжете со подготовка на тестото. Во ванглата додајте го маслото, јајцето и брашното. Замесете меко и фино тесто, да не леи под прсти. Потоа покријте ја ванглата со тесто со проѕирна фолија и памучна крпа и оставете да нарасне 1 час. Во меѓувреме, подгответе го кремот.

Во мало тенџере ставете ги шеќерот, густинот, жолчката и млекото. Сè промешајте и изрендајте малку кора од лимон кора. Тенџерето ставете го на рингла со средна температура и гответе додека кремот да згусне, слично на пудинг, со повремено мешање. Потоа тргнете го настрана и покријте го со проѕирна фолија за да не фати кора.

Нараснатото тесто развлечете го во тенка кора и 2/3 од површината на тестото премачкајте го со оладениот крем и наросете со чоколадни трошки или рендано чоколадо. Потоа тестото завиткајте го како ролат, пресечете го на парчиња околу 2-3 сантиметри и секое пресечено парче свиткајте го како фурнаринка. Вака подготвените печива префрлете ги во плех обложен со хартија за печење. Премачкајте ги со 1 разматено јајце измешано со малку млеко и одозгора наросете кафеав шеќер (по желба). Оставете да отстојат 20тина минути, па печете ги во претходно загреана рерна на 180 степени околу 25 минути. По печењето наросете ги со шеќер во прав.

Scroll to Top