Домашен рецепт за варено вино

Греено, уште попознато и како варено вино, е одличен пијалок за студените есенски и зимски денови. Тој изобилува со карактеристична и примамлива арома, којашто му ја даваат зачините. Најчесто се приготвува од црвено вино кое е зачинето со стапчиња цимет, каранфилчиња, ванила, портокал и/или лимон, а за уште подобар вкус се додава и шеќер или мед. Секогаш се служи топло.

Постојат многу различни рецепти и методи за приготвување на греено вино. Некои луѓе прво го загреваат виното, па потоа ги додаваат зачините. Додека други прво ги ставаат шеќерот и зачините во мала количина вода и откако ќе повријат заедно неколку минути, го додаваат виното. А трети, пак, ги ставаат сите зачини во газа и заедно со шеќерот ги додаваат во виното, го загреваат виното неколку минути, а пред сервирање ја вадат газата од виното. Еве еден од нив:

Состојки:

  • 1 шише црвено вино
  • 1 портокал
  • 2 стапчиња цимет
  • 5 каранфилчиња
  • 1 дафинов лист (искинат на парчиња)
  • ½ морско оревче (изрендано)
  • 1/3 чаша шеќер
  • ¼ чаша бренди или ликер од портокал (по желба)

Подготовка: 

Исечете 1-2 тенки ленти од кората на портокалот, а него пресечете го на половина и врз едната половина наредете ги каранфилчињата, така што ќе ја прободете кората со нив. Потоа налејте го виното во тенџере и ставете го на тивок оган. Внатре ставете ја половинката од портокалот со каранфилчињата, лентите од кората, стапчињата цимет, изренданото морско оревче и дафиновиот лист искинат на парчиња. Можете да исцедите и малку сок од преостаната половина од портокалот. Кога виното ќе се затопли, додајте го шеќерот и мешајте за да се стопи. Но, не дозволувајте виното да почне да врие. Ако се појави бела пареа, намалете ја температурата и продолжете да мешате.

Можете да го оставите да се грее 10-15 минути, иако некои го оставаат на тивок оган подолго време (30-45 минути). Најдобро е да вкусувате по малку во текот на готвењето. Така ќе го тргнете од оган тогаш кога ќе ви изгледа дека е доволно зачинето, а во исто време ќе можете и да додадете некоја состојка плус ако сметате дека не е доволно ароматизирано. Исто така, ќе можете да ставите повеќе шеќер ако сакате виното да е послатко. Ако користите бренди или ликер од портокал, додајте ги веднаш откако ќе го тргнете виното од оган. На крајот исцедете го виното и готово е за служење.

Послужете го топло во чаши за вино или шолји кои претходно сте ги прелиле со топла вода. Украсете со портокал исечен на полумесечинки. Често во чашата се додава и стапче цимет за посилна арома.

Scroll to Top