Колач со ореви и кафе

Потребни состојки:

Кора:
4 белки
1 прстофат сол
100 гр шеќер
15 гр густин
80 гр мелени ореви

Крем од кафе:
4 жолчки
750 мл млеко
150 гр шеќер
65 гр густин
1 лажица нескафе
200 гр путер

Глазура:
115 гр темно чоколадо мин 55% какао
30 мл масло

Начин на подготовка:

Наведените состојки се доволни за приготвување на една, а потребно е да се приготват две вакви кори. На белките додадете им прстофат сол и кратко измиксајте ги. Потоа постепено додавајте шеќер и продолжете со миксање додека да добиете цврст снег. Со лажица додадете густин и мелени ореви и внимателно промешајте. Приготвената смеса излејте ја во плех за печење (28х36 см) обложен со хартија. Кората печете ја 12-15 минути на 180 степени. Изладената кора пресечете ја на половина за да добиете две помали кори. Испечете уште една ваква кора за да добиете вкупно 4 помали кори.

Подгответе го кремот. Густинот разматете го со 150 мл млеко (се одзема од вкупната количина). Во остатокот од млекото додадете 100 гр шеќер па загрејте до вриење. Остатокот од шеќерот измиксајте го со жолчките додека да добиете светла густа смеса. Додадете го разматениот густин во зовриеното млеко и со постојано мешање варете додека да згусне. На крај додадете го кафето. Добиениот крем оставете го на страна да излади, прекриен со проѕирна фолија за да не фаќа кора. Потоа соединете го со изматен путер на собна температура.

На чинија за послужување редете ги корите и филувајте ги со кремот. На крај колачот прелијте го со чоколадната глазура. За приготвување на глазурата потребно е да го растопите чоколадото на пареа и да му додадете масло. Кога малку ќе излади прелејте го преку кремот.

Scroll to Top