Потребни состојки:
300 г лиснато тесто
1 жолчка
брашно
за филот:
2 парчиња пршута
3 парчиња шунка
2 лажици помасна слатка павлака (без шеќер)
1 главица кромид, ситно сецкан
1 лажица масло
малку свеж власец, ситно сецкан
малку рендано морско оревче
Начин на подготовка:
На малку масло пропржете го кромидот. Многу ситно исецкајте ја пршутата и шунката и измешајте ги со кромидот, павлаката и сечканиот власец. Зачинете со мелено морско оревче. Немојте да солите затоа што пршутата и шунката се доволно солени. Набрашнете ја работната површина и развлечете го лиснатото тесто во форма на правоаголник со димензии 20 х 40 см. Тестото исечете го на квадрати со страна 8 см. На нив распоредете од подготвениот фил, отприлика 1 до врв полна лажица. Преклопете ги квадратите за да добиете триаголници. Притиснете ги краевите за да се залепат. Со тенок нож тенко засечете украсни засеци, но пазете да не засечете подлабоко за да ви излезе филот. Триаголниците премачкајте ги со разматена жолчка која сте ја разредиле со неколку капки вода. Вака подготвените триаголници наредете ги на тава обложена со хартија за печење и ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 240 целзиусови степени 12-20 минути.