Пица-ролат

Потребни состојки:

600 гр меко брашно
200 гр кашкавал гауда
200 гр чаден свински врат
150 гр маргарин
300 мл млеко
100 мл кечап
2 јајца
1 коцка свеж квасец
1лажица зејтин
1 лажица шеќер
1 лажица оригано
една лажица сол.

Начин на подготовка:

Во малку затоплено млеко го додаваме квасецот и мешаме со лажица. Во друг сад ставаме брашно и маргарин исечкан на парченца, додаваме сол и сето тоа со рака добро го замесуваме. Во садот со млеко додаваме 1 лажица шеќер и 1 лажица зејтин. Додаваме едно јајце и сето тоа тоа добро го замесуваме со жица за матење. Потоа ги додаваме млекото и квасецот во садот во кој сме ги ставиле брашното и маргаринот, па замесуваме. Ако е потребно додаваме уште малку брашно за да добиеме меко тесто. Смесата ја префрламе во сад и ја оставаме покриена на топло 30 минути да нарасне.

Кога тестото е нараснато, повторно го размесуваме на маса попрскана со брашно и го делиме на два еднакви дела. На набрашнетата маса ја развлекуваме кората и ја мачкаме со кечап. На краевите мачкаме разматено јајце. На едниот крај ставаме кашкавал, одозгора редиме чаден свински врат и наросуваме со оригано. Кората ја виткаме во ролат.

На истиот начин го приготвуваме и вториот ролат и ги сечеме на парчиња (со дебелина од три прсти). Ги ставме во тавче обложено со хартија за печење, ги премачкуваме со јајце и печеме на 210 степени 30 минути.

Scroll to Top