Подварок по бабин рецепт  

Зимската трпеза и празниците не одат без подварок. Рецепти за подварок има десетици, но најдобри сепак се оние наједноставните.

Потребни состојки:

една глава кисела зелка (од околу 2 килограми)

една до две главици црвен кромид

зејтин, бибер, зачини по желба

сланина, суво месо, мисиркино месо, пилешко месо, кременадли или друго месо по желба

Подготовка:

Зелката исечкајте ја на ситни парчиња, малку покрупни за разлика од тоа кога правите салата, па потоа измијте ја малку и исцедете ја од вишокот на вода. Загрејте го зејтинот, па издинстајте го ситно исечканиот црвен кромид и сланината. Додадете од месото кое сте го одбрале, па се заедно оставете да се крчка на умерена температура околу 10 минути. Во оваа смеса додадете ја киселата зелка, па се заедно пржете уште 15тина минути. Потоа зачинете ја смесата со бибер и зачини по желба, па ставете ја во огноотпорен сад. На оваа смеса налејте и малку вода, а потоа ставете ја во рерна да се пече околу час и половина или два на 200 степени.

Подварокот најдобро оди со пире од компири или печен компир, а исто така добро се служи и со проја.

Scroll to Top