Ролни со цимет

Потребни состојки:

240 мл млеко
2 јајца
75 г маргарин
600 г брашно
1 лажичка сол
100 г шеќер
1 ќесичка сув квасец
кафеав шеќер
цимет
путер

за прелив:
120 г путер
225 г крем сирење
1 лажичка ванила екстракт
60 мл млеко
600 г шеќер во прав

Начин на подготовка:

Прво ќе го згреете млекото (не да зоврие, туку да биде топло) и ќе го растопите маргаринот. Топлото млеко ставете го во длабок сад во кој ќе го правите тестото. Ставете го квасецот и со рачна маталка убаво измешајте. Додадете ги јајцата, стопениот маргарин, солта, шеќерот и брашното. Со дрвена лажица убаво соединете ги состојките. Тестото доработете го на површина попрскана со брашно. Месете го 5-10 минути, направете топка и вратете ја во истиот сад. покријте го со крпа и оставете да стаса.

Во меѓувреме направете го преливот. Путерот треба да биде на собна температура, како и крем сирењето. Спојте ги, па во истиот сад додадете го екстрактот од ванила, млекото и пола од шеќерот во прав. Со миксер матете на најслаба брзина додека полека го доставате останатиот шеќер во прав. Кога ќе се соединат состојките, матете  на најбрзо и матете 1-2 минути. Откако ќе завршите, ставете го преливот во фрижидер.

По еден час извадете го тестото од фрижидер. Ставете го на работна површина попрскана со брашно и размесете го малку, па со сукало и расукајте го во вид на правоаголник. Премачкајте ја целата површина со путер што е на собна температура. Врз путерот попрскајте убаво со цимет за да ја покриете површината, а потоа истото направете го и со кафеавиот шеќер. Оставете од страна 1-2 см празно за да може да се залепи кога ќе го виткате ролатот. Со сукало поминете врз сите состојки за убаво да се залепат една со друга, па свиткајте го во форма на ролат. Исечете го ролатот на еднакви парчиња за да ви излезат 12 и наредете ги во подмачката тава за печење. Откако ќе ги наредите парчињата, покријте ги со крпа и оставете да стасаат и да се спојат. Печете ги во загреана рерна на 200 степени околу 20 минути. Веднаш штом ќе ги извадите, ставете пола од преливот. Почекајте да се оладат и додадете го и останатиот прелив.

 

Scroll to Top