Штрудли со џем

Потребни состојки:

250 г маргарин (или свинска маст)
180 г кисела павлака (1 чаша)
1 ванилин шеќер
500 г меко брашно
џем од дуњи или сливи
шеќер во прав за наросување одозгора

Начин на подготовка:

Во длабок сад ставете го маргаринот исечкан на листови. Додадете кисела павлака, ванилин шеќер и брашно, па замесете мазно тесто. Тестото не мора да се остава да отстојува. Ставете го врз набрашнета површина, па со сукало развлечете го во форма на правоаголник, со дебелина од околу 3 мм. Потоа кората исечете ја на ленти со широчина од 8 см. Во средината на секоја лента ставете џем, но изберете некој погуст за да не истекува. Потоа превиткајте ги лентите, така да добиете долга штрудла. Со прстите притиснете ги краевите за да не се отвора штрудлата.

Штрудлата свртете ја на другата страна, така што спојката ќе биде долу. Префрлете ја во плех обложен со хартија. Повторете ја постапката со сите ленти од тестото. Откако ќе ги наредите сите штрудли во плехот, земете остар нож и секоја штрудла исечкајте ја на помали парчиња со должина од околу 5 см. Ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 180 степени, 25-30 минути, додека да заруменат. На крај можете малку да го засилите огнот на 200 степени. Откако ќе се оладат, печените штрудли наросете ги со шеќер во прав и чувајте ги затворени во лимена кутија.

Scroll to Top