Солен ролат со шунка и кикирики

Потребни состојки:

500 мл млеко
9 големи лажици брашно (средно полни)
7 јајца
300 гр фета-сирење
100гр шунка
100 гр сусам
100 гр печени кикиритки
3-4 големи лажици павлака

Начин на подготовка:

Во подлабока чинија ставете го брашното и додадете млеко колку да се добие смеса како за палачинки. Остатокот од млекото ставете го на оган да зоврие, па потоа полека додадете ја смесата со брашно. Варете со постојано мешање додека да згусне, но внимавајте да не ви загори. Тргнете од оган и оставете да излади. Одвојте ги белките од жолчките и пенасто изматете ги во цврст снег. Во изладениот крем додадете ги жолчките, а потоа и снегот од белки. Смесата излејте ја во тепсија 42х28 см обложена со хартија за печење и печете на 180 степени околу 15 минути. Печената кора ставете ја на влажна крпа, па заедно со хартијата свиткајте во ролат и внимавајте да не ви испука некаде. Вака оставете да излади.

Додека ролатот се лади, пригответе го филот: запржете го сусамот малку додека да добие жолтеникава боја. Оставете да излади. Ситно исечкајте ги пржените кикирики. Изрендајте го фета-сирењето и соединете го со павлаката и посолете ако е потребно. Додадете ги сусамот и кикиритките и соединете. Одвиткајте го ролатот, премачкајте со фил, оставете неколку лажици за премачкување на ролатот одозгора. Врз филот ставете ги парчињата тенко исечана шунка. Свиткајте го ролатот и оставете го во фрижидер да излади неколку часови. Изладениот ролат сечете го со остар нож на парчиња од околу еден сантимер дебелина. Украсете по желба.

Scroll to Top