Совршена италијанска пица

Потребни состојки:

500гр брашно тип 500
10гр квасец
2 л. сол
½ л. оригано
2 л. млеко
1 жолчка од јајце
2 л. маслиново масло
250мл вода

Сос:
лупени домати од конзерва
зачини: сол, црн пипер, босилек, темјан

Фил:
сирење моцарела
свежи печурки
шунка (или друг вид на месо по избор)

Начин на подготовка:

За приготвување на тестото, во длабок сад ставете го брашното, квасецот, солта и ориганото. Додајте ги млекото, жолчката од јајце и маслиновото масло. Бавно додавајте ја водата, притоа постојано мешајќи. Месете го тестото сè додека не почне да се одделува од ѕидовите на садот и од рацете (5-7 минути). Потоа прекријте го садот со крпа и оставете го да отстои 2-3 часа на собна температура. За ова време, тестото ќе го удвои својот волумен. Состојките се предвидени за 2 пици, во зависност од големината на вашиот плех, можеби ќе треба да употребите помалку тесто.

За сосот за пицата не користете свежи домати или кечап. За приготвување на сосот, испасирајте лупени домати од конзерва и зачинете ги со сол, црн пипер, свеж босилек и темјан (по вкус). Наместо домати од конзерва, можете да користите домашен доматен сос.

Премачкајте го дното и страните на плехот за печење со малку масло. Земете дел од тестото во форма на топка, и не го сукајте, туку ставете го директно во центарот на плехот. Со прстите нежно притискајте го тестото, полека растегнувајќи го од центарот кон страните на плехот. Премачкајте го тестото со сосот од домати. Слојот треба да биде проѕирен. Врз сосот распоредете парчиња од моцарелата. На крајот распоредете ги свежите печурки и производ од месо по избор (шунка, чаен колбас, кулен итн.).

 

Scroll to Top