Спанаќ со јајца

1 кгр спанаќ

2-3 парчиња млад кромид

100 гр ориз

малку брашно

1 супена лажица црвен пипер

5 јајца

Спанаќот го делиме ливче по ливче и убаво го миеме. Го сечкаме ситно и заедно со една до две главички млад кромид го ставаме во тенџере на оган за да му се земе водата.

Кога ќе испари водата сосема, налеваме масло и оставаме на тивко да се пржи. Кога ќе се запржи убаво, ставаме на врвот на лажиче брашно и една супена лажица црвен пипер. Непрекинато мешаме и долеваме врела вода малку по малку додека да се изедначи течната смеса. Насолуваме, додаваме зачин и малку ориз. Оставаме на тивко 5-6 минути додека оризот да се завари.

Рерната ја загреваме на максимум, смесата од тенџерето ја ставаме во тркалезна тава бр 30 и ја ставаме да се пече. По десетина минути ја вадиме тавата од рерна и во речиси зготвениот спанаќ ги кршиме петте јајца. Наросуваме по малу сол и бибер на секое јајце и ја враќаме тавата во рерна уште три до четири минути.

Се служи со кисело млеко, по можност овчо, а може и по едно парче старо овчо сирење.

Scroll to Top