Стоматолозите откриваат кои се причините за непријатниот здив и како да се ослободите од него

Лошиот здив може да биде симптом на дехидрација, односно кога на телото му недостигаат течности, тоа произведува помалку плунка. Па доколку имате помалку плунка, храната и бактериите ќе се задржат во усната шуплина многу подолго и со тоа ќе предизвикаат лош здив.

Според стоматологот Кристин Кејн, дури една третина од Австралијците страдаат од овој проблем и честопати одговорот е токму во лошата хигиена. Оваа докторка од Квинсленд открива некои од главните причини за лошиот здив и дава едноставни совети како да го решите проблемот.

Насобран плак

Бактериите што предизвикуваат расипување на забите или заболување на непцата исто така ќе бидат причина и за непријатен здив ако дозволите да се формира плак во усната празнина. Таа додава дека гингивитисот најпрвин се појавува како блага болест на непцата, која исто така може да предизвика таложење плак.

„Кога ќе се смести помеѓу непцата и коренот на забот, не можете толку лесно да се ослободите од него. Во тој случај стоматологот мора да го изгребе коренот и да исчисти под непцата за да го ослободи од бактериите. Доколку не го сторите тоа, овој проблем може да се претвори во сериозна болест на непцата, па тогаш ќе бидат потребни посериозни процедури“, забележува Кејн.

Се разбира, ако воопшто не побарате помош од стоматолог, работите може да станат уште посложени. Една од последиците може да биде губење на коската или повлекување на непцата и разнишани заби.

Непријатна појава

„Ако забот се ниша, може да се скрши и на тој начин да го оштети соседниот заб или може да доведе до инфекција од која никогаш нема да се ослободите и треба да се грижите за тоа до крајот на животот“, додава Кејн.

Таа посочува дека хронична инфекција во устата, која не мора да предизвикува проблеми, може да биде причина за лош здив.

Се разбира, сè што останува во устата по оброкот исто така може да биде причина за непријатност.

Плакнење на устата

Краткорочно решение е и водата за плакнење на устата. Има разни видови средства за плакнење, а некои од нив се одлични за брзо справување со лошиот здив.

Општо земено, постојат два вида плакнење за устата: козметички и терапевтски.

„Козметичкото плакнење на устата може привремено да го контролира лошиот здив и да остави пријатен вкус зад себе, но освен тоа нема никаква друга хемиска или биолошка примена“, објаснува д-р Томислав Лауц.

„На пример, ако производот не ги уништи бактериите поврзани со лошиот здив, неговите придобивки се сметаат за чисто козметички. Спротивно на тоа, плакнењето на устата содржи активни состојки што помагаат при контролата на состојбите, како што се лош здив, гингивитис и парадентоза, плак и кариес. Активните состојки што може да се користат во терапевтското плакнење на устата најчесто се: хлорхексидин, хексетидин, флуор, водород или уреа пероксид, како и етеричните масла. Тие најчесто се користат за намалување на лошиот здив и може да се користат за контрола на денталниот плак и гингивитисот“, наведува тој.

Посета на лекар

Д-р Кејн додава дека солената вода може да помогне кога станува збор за воспаление во усната шуплина, што исто така може да предизвика лош здив. Меѓутоа, доколку често имате проблеми со лошиот здив, време е да посетите лекар.

„Понекогаш тоа може да биде варењето на храната, но и кандидата исто така може да предизвика непријатен мирис“, додава таа.

Пробиотиците може да ви помогнат за подобро варење на храната. Проверете дали имате некаква алергија. Важно е да обрнете внимание на она што го пиете и јадете, а исто така мора да запомните дека црвеното вино може да ги извалка забите, како и сосот од домати и сојата.

Шест трика како да се ослободите од лошиот здив

  • Правилно чистење на забите дома: користете електрична четка за заби, исплакнете ги со вода за заби и користете конец за заби;
  • Редовно посетувајте стоматолог: тој исто така може да дијагностицира заболување на непцата, кое може да биде причина за лош здив;
  • Променете ја вашата исхрана: намалете го внесот на црвено вино и лук. Исто така, пушењето директно предизвикува заболување на непцата. Алкохолот предизвикува зголемување на стомачната киселина, што исто може да предизвика лош здив;
  • Водичка за плакнење на устата: не заборавајте да ја користите и неа, особено онаа против парадентоза, ако го имате и тој проблем;
  • Гуми за џвакање: користете ги само оние без шеќер;
  • Ако јадете лук за ручек или вечера, нека јаде и вашиот партнер.
Scroll to Top