Со колекцијата од 12 аутфити, комплексност во кроеви, иновативност во спојот на материјали и колор кој пресликува една скриена емоција дизајнерката Викторија Арсовска ќе ја претстави својата есен-зима колекција на претстојниот Моден викенд – Скопје.
„Во моделите се презентирани женственост и сексапил преку кроевите инспирирани од машки униформи и преку машката грубост на посебно избрани материјали“, вели модната дизајнерка Арсовска.
Во модната приказна се вклучени и корсети затскриени со капути и елеци од чоја и кожа, свилени фустани во комбинација со кожени колани и метални копчиња, додека лелеавоста на истите се противи на крутиот штоф. Целата колекција, според дизајнерката, е приказ на храбриот чекор на жената, како дама и бунтовник истовремено, како доилка и војник во една паралела, како љубовница во панталони која ужива во разни разврати и скандали кои се табу-теми.