Малолетниот син на Петар Младеновски попознат како Пеце од Суперхикс бил нападнат во населба Капиштец додека играл кошарка од 4 непознати малолетни лица кои биле на возраст од 12 до 16 години.
Како загрижен родител, музичарот преку статус на Фејсбик им се обрати до надлежните институции да ја решат ситуацијата. Тој објаснува дека два дена се мислел дали да реагира и да сподели што се случило во неделата вечерта околу 21 часот.
„Мојот малолетен син е нападнат играјќи сам кошарка на кошот во Парк Капиштец од страна на 4 малолетни лица на возраст од 12 до 16 години. Прописно е исшамаран и исклоцан без никаква причина (оние кои не знаат од соседстото знаат многу добро колку мирно и повлечено дете е мојот син) а се обиделе и да му го украдат баскетот. Добивме повик од него дека е нападнат и веднаш се упатив кон местото на случката но таму јас не успеав да ги затекнам. Трчајќи во правец на катната гаража кај Беверли Хилс истите беа препознаени од син ми и успеав некако да фатам и задржам еден од нив по што мирно и спокојно дојдоа и останатите по што повикавме полиција. Немаа никаков проблем да останат и да не избегаат. Морам да признаам дека полицијата (станица Беко, 2-ца од интервентна и подоцна 3-ца во униформа) бргу реагираа и се појавија на местото каде бевме“, стои во статусот на Пеце.
Но вели дека потоа следувало изненадувањето, кога од полицијата добиле инфо дека ова се веќе познати малолетни деликвенти и сторители на десетици дела и дека се штитеници од Домот за деца.
„Од она што подоцна го дознав, деца со девијантно и проблематично однесување, за кој искрен да бидам прв пат слушам иако живеам на неполни 700м од куќата, „25 Мај“ кој се наоѓа на улицата „Елисие Поповски“ во близина на „Водњанска“ и дека истите никако не можат кривично да одговараат за сторените дела ниту да бидат некако приведени. Имено, истите се дел од некаков, ајде да го наречам “дом-куќа-семејство“ и живеат 6-мина во објектот (од вработените дознавам дека се сите проблематични и дела се вршат катадневно на територијата на Општина Центар и пошироко) и се по мој впечаток буквално оставени сами на себе и се движат каде сакаат и прават што сакаат. Исто така дознавам дека имаат и официјално назначени старатели ама истите се во Штип, Битола итн итн..и не знам на кој начин и по што се овие лица старатели на овие деца. Едноставно ништо не разбирам и ова е несфатливо“, раскажува Пеце.
Тој вели дека неговиот син сега има последици од настанот и трауми кои ќе ги има уште долго време. Но вели дека ќе продолжи со пријава на делото во полиција и со прибирање на сите извештаи од лекари и со преземање на сите можни дејствија за расчистување на случајот.