Ксенија Николова: „Не можете да го смените емотивниот манипулатор“

By

Писателката Ксенија Николова пред само три дена ја промовира својата четврта книга „Емотивен манипулатор“. Книгата во издание на „Култура“ е првата што младата писателка ја пишува во женски род. Во претходните три книги доминира нејзиниот внатрешен машки глас.

„Невозможно беше да го игнорирам машкиот глас во главата. Ми се наметнуваше самиот. Не беше тоа начин да се издвојам, да бидам поинаква, едноставно, ми доаѓаше природно. Порано си мислев дека никогаш нема да напишам роман од женски аспект. Потоа се предизвикав малку себеси, добив и совети да излезам од мојата комфорна зона. Пишувањето во женски род се случи многу спонтано, почувствував силен бран емоции во мене и си ја послушав интуицијата“, ни рече Ксенија.

Приказната раскажана во романот е фиктивна, но инспирацијата е вистинска, а Ксенија во главниот лик Катја внела и голем дел од себе.

„И јас кога имав 25 години ја чувствував истата таа желба за успех во животот, истата амбиција, константна потреба за нешто повеќе, но и постојано незадоволство од тоа што го постигнував. По тоа многу се препознавам во ликот на Катја“, раскажува Ксенија.

Ксенија е и текстописец. Досега напишала педесетина песни, меѓу кои „Брод што тоне“ и „Залудно е“ за Тамара Тодевска, „Цимери“ за „Куку леле“, „Да не те знам“ и „Бегај, бегај“ за Даниел Дан, „Знам дека лажеш“ за Симона Поповска, „Сонувач“ за Маја Вукичевиќ, „Моја навика“ за Александар Тарабунов.

„Омилена песна ми е ‘Срце како мраз’, што ја испеа Марија, на музика и аранжман на Роберт Билбилов. Кога пишуваш песна, имаш цел тим со тебе. Треба да дишете како едно, да верувате во истата приказна. Имам чувство дека во последно време се прави музика колку да помине редот. Се изгуби ентузијазмот. Би било жално и оние малку што останаа тука да ја изгубат желбата да творат. Тоа е најстрашно нешто, уметникот да крене раце и да рече: јас не гледам веќе поента,“ рече Ксенија во интервју за „Репортер“.

Андријана Јовановска

Ќе ви се допадне