Од Обединетите Нации денеска изјавиле дека принцот на Саудиска Арабија, Мухамед бин Салман треба да биде испрашан за случајот со убиството на новинарот Џамал Кашоги.
Од ОН тврдат дека постојат веродостојни докази дека тој и другите високи официјлани лица во неговата земја, се одговорни за убиството на Кашоги. Специјалниот известувач од Обединетите Нации, Агенс Каламард објавила извештај во кој се тврди дека смртта на новинарот претставува меѓународен злостор.
„Господин Кашоги беше жртва на смислена егзекуција, за која државата Саудиска Арабија е одговорна и треба да одговара според меѓународното право“, изјавила Агенс, а пренесува „Гардијан“.
Каламард во првиот независен извештај за убиството, вели дека и други високи саудиски официјални лица исто така треба да бидат испрашувани заедно со принцот. Таа објаснила дека откриени се докази кои посочуваат дека Кашоги бил сосема свесен за моќта која ја има престолонаследникот и дека се плашел од него.
Во извештајот кој е објавен денес, Калмард открива дека во досегашните обиди на Саудиска Арабија и Турција, да го разрешат целиот случај со убиството, потфрлиле во исполнувањето на меѓународните стандарди во врска со истрагата за смртта на Кашоги.
Каламард го повикала и генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, да покрене официјална меѓународна кривична истрага за овој предмет.
Со таквата истрага ќе можат да се изгради цврст случај за секој од наведените сторители и ќе се создаде механизам за покренување на формална одговорност преку создавање на некакво ад-хок тело или хибриден трибунал.
Каламард ги повикала и ФБИ во САД, каде Кашоги живеел, да покренат истрага за овој случај, ако тоа веќе не го направиле и да продолжат со кривично гонење во САД според потребите на случајот.
Каламард изјавила дека ги гледала снимките од безбедносните камери од конзулатот, а во нејзиниот извештај биле идентификувани 15 лица за кои изјавила дека биле дел од мисијата за убиство на Кашоги.
Многумина од овие 15 лица не се на списокот на 11 неименувани осомничени кои денеска се соочуваат со судење зад затворени врати поради убиството во Саудиска Арабија.
Во извештајот утврдено е дека постојат докази дека Саудиска Арабија намрено користела конзуларен имунитет за да спречи турска истрага, додека местото на злосторот не се исчистело темелно, објаснува Каламард.
„Со оглед на мојата загриженост во поглед на правичноста на судењето на 11-те осомничени во Саудиска Арабија, повикувам на откажување на судењето“, изјавила Каламард во извештајот.