Старите велат за зелката да стаса најубаво се става околу Митровден, а ако времето е топло, може и подоцна.
Зелката убаво исчистете ја од валканите (надворешни) листови. Со остар нож направете вдлабнатини во кочанот на зелката. Наполнете го кочанот до врв со морска сол и наредете ја зелката во бурето кај што ќе ја чувате. Кога ќе редите, кочанот треба да е нагоре за да остане солта внатре. По секој ред зелка посипете уште малку сол. Затворете го садот и оставете го еден ден да отстои за да ја впие солта. Следниот ден наполнете го со вода. Водата мора да ги прекрива зелките. Во текот на првите две недели, на секои 2-3 дена преточувајте ја водата за солта да се измеша убаво и да се растопи.
Солта се одредува приближно. При преточувањето водата треба да е бистра. Ако почне да се заматува тоа е знак дека нема доволно сол, па додадете уште сол. Веќе заматената вода нема да се избистри.
Ако ја пресолите зелката, извадете ја пред да ја користите и оставете ја потопена во чиста вода да постои. Ако и понатаму ви е солена, повторете ја постапката уште еднаш.
Киселата зелка се користи како свежа салата, за сарма, подварок и слично.