Хотелот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и коцкарницата „Трамп плаза“ во Атлантик Сити беа срушени денеска со динамит, пренесе весникот „Њујорк тајмс“.
Трамп го изгради хотелот во 1984 година. Имаше 39 ката и претставуваше симбол на градот. Хотелот беше затворен во 2014 година по банкротирањето, а зградата во последните неколку години пропаѓаше и почнуваа да паѓаат делови од нејзината фасада.
Голем број американски телевизиски куќи во живо го пренесуваа рушењето на хотелот. На крајот, од него остана само пепел и земја. „Њујорк тајмс“ пренесува дека оние набљудувачи што сакале од автомобил во живо да го гледаат рушењето морало да платат по 10 долари.
Земјиштето на кое се наоѓал хотелот сега е во сопственост на инвеститорот Карл Ихан. Весникот додава дека ова не е најголемата и најдобра имплозија некогаш изведена со детонирање 3.000 стапчиња динамит.
За напомена, рушењето на хотелот е по еден месец откако поранешниот сопственик на хотелот и поранешен американски претседател, Доналд Трамп, ја напушти Белата куќа, по изгубената трка за реизбор на функцијата претседател.