На Античкиот театар во Охрид вечерва ќе се одржи свеченото отворање на 61. Охриско лето. Фестивалот, кој ќе трае од 12 јули до 20 август и на кој ќе настапат околу 500 уметници од 18 земји, ќе почне со проектот на Националната опера и балет „Големиот Чајковски“.
Ова е балетската трилогија со најубавите дела на рускиот композитор Петар Илич Чајковски: „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“. На отворањето ќе бидат изведени и делови од балетот „Ана Каренина“ и операта „Евгениј Онегин“, а ќе настапат повеќе од 90 уметници, балетски првенци, солисти, како и ансамблот и оркестарот на Националната опера и балет, предводени од диригентката Бисера Чадловска.
На годинашното Охридско лето ќе има врвни концерти со познати светски имиња, но и македонските умнетици со светска слава, домашни национални оркестри.
Концертот „Танец и Ладо под ѕвездите“ на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ и Ансамблот на народни игри и песни „Ладо“ од Хрватска, кој ќе се одржи на 28 јули, ќе биде со хуманитарен карактер, а средствата од купените билети ќе бидат донирани во здравството.
Во музичката програма ќе настапат Александар Штаркман, Ѓуљсин Онај, Вихан квартет, Даниел Родан, Стојан Димов и Дино Имери, гудачки квинтет на филхармонијата од Загреб, Алесандро Фатони и Џорџо Мартану и многу други.
Во драмската програма на фестивалот претстави ќе изведат неколку македонски театри, но и двете најголеми театарски куќи од Србија, Српско народно позориште од Нови Сад и Југословенско драмско позориште од Белград, а Иван Босиљчиќ ќе чита поезија од Блаже Конески.