Ексклузивно со Џибони: Кучето на Оливер го изџвака текстот со „Цесарица“, едвај го напишав по сеќавање

By

Хрватскиот музичар Златан Стипишиќ – Џибони на 23 декември ќе има концерт во Скопје, на кој ќе настапи заедно со Влатко Стефановски. Џибони е еден од оние музичари кои секогаш имаат добра песна. Најубавите песни на познатите хрватски пејачи ги напишал тој. Од „Зашто правиш слона од мене“ на Дино Дворник, до безвременската „Цесарица“ на Оливер Драгојевиќ, од кого летово се прости. Татко на три деца, кој е во брак со сопругата Сања, далматинец од Сплит, кому животот му е море. Познатите „Тајна вештина“ или „Либар“ се песни кои секогаш ќе бидат во мода. Во пресрет на концертот во Скопје, кој го организира „Авалон“, Џибони во интервју за „Репортер“ зборува за музиката, за Оливер, за тоа како ќе се удавел во море, за Влатко и Горан Стефановски, за бракот…

Репортер: На 23 декември имате концерт во Скопје. Што да очекуваме? Имате ли трема?

Џибони: Трема по толку години немам, ама на некој необичен начин сум возбуден. Поминаа повеќе од две децении откако првпат настапив во Скопје. Јас и мојата екипа многу се радуваме на таа фамилијарна атмосфера на концертите.

Репортер: Последен пат кога бевте во Скопје пеевте заедно со Оливер Драгојевиќ и го промовиравте албумот „Фамилија“. Оливер, за жал, веќе го нема. Како ја прифативте веста за неговата болест и смрт?

Џибони: Тоа не може да се опише со зборови. Нашиот однос беше многу повеќе од оној вообичаен однос што го имаат луѓето од иста професија. Меѓу нас секогаш постоеше она чувство на несекојдневно пријателство. Секогаш бевме фамилија, а не конкуренција. Неговото заминување, без оглед на неговата дијагноза, беше шок затоа што до крај бев оптимист. Мене загубата ми е ненадоместлива.

Репортер: Во какви сеќавања ќе Ви остане Вашиот „капетан“?

Џибони: Како човек кој никогаш ниту една реченица не ја започнуваше со „јас“. Беше лишен од секакво его. Неверојатно скромен. Беше најголема ѕвезда, а се однесуваше како да работи во фабрика на погон. Тој е еден од оние ретки луѓе кои аплаузот не успеа да ги промени.


Репортер: Како настана песната „Цесарица“? Вистина ли кучето на Оливер ви го изџвака листот на кој бил напишан текстот, па по сеќавање пак сте ја пишувале?

Џибони: Да, ха ха, вистина е. Тоа беше во она време кога еден на друг си ги носевме песните на касети. Така и јас му ја дадов на Оливер касетата и текстот напишан на хартија и тогаш неговиот „кокер шпаниел“ Луна се качи на клавирот и го изеде текстот со песната „Цесарица“.

Со Оливер Драгојевиќ, во времето кога почнувале да работат заедно

Репортер: На концертот во Скопје ќе настапи Влатко Стефановски. Пред две недели го изгуби својот брат. Дали разговаравте со него во тие тешки мигови? Колку години трае вашето пријателство?

Џибони: Се запознавме во 1987 година и сме многу блиски соработници од 1998 година. За мене, Влатко и целото негово семејство е нашто посебно, ограмно богатство. Мислам дека таа интеракција што ја слушате во песните не е сè што е меѓу нас. Тој е толку интересен соговорник што можеби и некои наши разговори треба да се снимаат и да се објават. Со неговиот брат Горан се гледав секој пат кога одев во Англија зашто мојот син живее во градот во кој тој беше професор на факултетот. Го обожавав тој човек. И целото мое семејство. Би сакал сите луѓе во Македонија да знаат колку вашиот сонародник имаше голем углед. Беше најголем амбасадор на Македонија, и како стручњак и како човек. Голем авторитет!

Репортер: Каков е Џибони кога не е на сцена?

Џибони: Ист како и кога е на сцената. Нема разлика.

Репортер: Вие сте Далматинец, сплиќанец. Како се живее на море?  

Џибони: Мене морето ми е речиси религиозно искуство. Ми се случи неколкупати до сега речиси да се удавам, додека со чамецот бев на море. Кога си на чамец од осум метри на бранови од висина до два метра, тоа е момент кога сите твои награди и признанија се бришат и човек тогаш сфаќа колку е мал и неважен во однос на силите на природата. Мислам дека луѓето кои се родени на планина, со таа друга крајност, можат одлично да разберат за што зборувам.

Репортер: Во брак сте со сопругата Сања Стипишиќ. Како почна вашата љубов? Како е да се биде татко на три деца и кое од нив оди по Вашите стапки?

Џибони: Јас од првиот ден донесов одлука дека нема нив да ги експонирам во јавност. Тоа е единствен начин тие да на мора да живеат со предрасудите што луѓето ги имаат за мене и тоа да им биде товар. Од наведените причини, пробајте да разберете зошто не зборувам за приватноста.

Репортер: Сите велат дека македонската кујна е супер. Што мислите Вие? Како доаѓате кај нас, што нарачувате во кафеана?

Џибони: Секогаш го пуштам Влатко да нарача и за мене и за себе. Тој е голем гуру на македонската култура на живеење и сите иницијативи него му ги препуштам, како и тој на мене кога сме заедно во Сплит.

Александра Георгиев

Ќе ви се допадне